Двегодишно дете со непознати лични податоци ноќеска е примено на Клиниката за интензивна нега со тешка прострелна повреда на главата од огнено оружје, информираше денеска д-р Игор Мерџановски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Детето е во животозагрозувачка состојба. Мерџановски немаше информации за околностите во кои е застрелано детето и упати тие информации медиумите да ги побараат од полицијата.
Бурна новогодишна ноќ имале и хируршките клиники, каде биле згрижени голем број пациенти со различни повреди.
Во текот на ноќта се примени пациенти кои се повредени во 3 сообраќајни несреќи. Повеќе пациенти со лесни телесни повреди се прегледани и пуштени на домашно лекување, а 17-годишна девојка од Тетово е примена со тешка телесна повреда и врз неа е извршена хируршка интервенција.
Во Скопје немало тешки сообраќајни несреќи.
– Регистрирани се и тројца политрауматизирани пациенти по пад од висина. Меѓу нив е и 30-годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој е во животозагрозувачка состојба. Кај него е извршена операција на ’рбетниот столб и моментално се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување. На Неврохирургија е примен и 16-годишен пациент од Штип, исто така по пад од висина – рече д-р Мерџановски.
Во текот на ноќта се евидентирани и 8 случаи на физички напади. Шест пациенти со телесни повреди се пуштени на домашно лекување, меѓи кои и едно лице со површна повреда од нож.
Регистрирана е и прострелна повреда во пределот на лактниот зглоб кај пациент од Скопје, а настанот се случил во Прилеп.
Голем број повреди се поврзани и со употреба на пиротехнички средства. Вкупно 20 пациенти биле примени, дел на Клиниката за пластична хирургија, а две деца на возраст од 12 и 13 години се згрижени на Детска хирургија, каде е планирано оперативно лекување. На Клиниката за трауматологија е примен и 69-годишен пациент со повреди на левата подлактица и шака од пиротехника, додека 3 лица со полесни повреди ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Лекарите изјавија и дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години.
„На подрачјето на СВР Скопје за жал регистриран е еден посериозен настан, убиство во кој животот го загуби турски државјанин. Седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства, а едно лице се самоповредило со ловна пушка во Битола“.
Тошковски информираше и за повредено двегодишно дете кое според последните информации во јавноста, се здобило со повреди од огнено оружје во главата.
Еден од оние посериозни настани кои и мене лично ме вознемирија, рече Тошковски, е настанот кој се случил во вечерните часови, при што тешко телесно било повредено дете од две години.
„Согласно информациите кои ги имам детето е во животна загрижувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент кој со сигурност во овој момент не можеме детално да го специфицираме. Има повеќе теориии за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдивме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда, јавноста ќе биде информирана“, кажа Тошковски.
Инаку лекарите како тежок случај го посочија случајот со двегодишното дете.
Како што беше објавено во јавноста детето без познати лични податоци било примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето, според надлежните, е во животна опасност и нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот, како што кажа и Тошковски.
Тој потврди дека случајот е под истрага.
Според Тошковски, вчера биле регистрирани и 23 сообраќајни незгоди од кои две биле со тешки телесни повреди а приведени биле 49 лица по разни основи.













