Орбан посака Европа да се врати на здравиот разум во 2026 година

Макфакс

01/01/2026

14:37

744

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати новогодишна порака до европските земји во која посака континентот да се врати на „здравиот разум“ во 2026 година, со јасна порака дека мирот мора да биде приоритет пред понатамошната ескалација на конфликтот.

„Среќна Нова Година! Нека 2026 година биде годината во која владее мирот и Европа се враќа на здравиот разум!“ напиша Орбан на Икс.

Унгарскиот премиер испрати слична порака за време на божиќните празници, нагласувајќи дека посветеноста на Будимпешта кон мирот треба да послужи како пример и поттик за остатокот од Европа, како што изјави, „да оди по вистинскиот пат“. Долго време Орбан го застапува ставот дека конфликтот во Украина не може да се реши со воени средства, туку исклучиво преку дипломатски канали, анализираат медиумите.

Во пресрет на Нова Година, тој исто така процени дека во 2026 година може да има реална можност за склучување мировен договор за украинското прашање меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, но предупреди дека Европската Унија може да остане надвор од клучните преговарачки процеси.


Според Орбан, постои длабока дивергенција во ставовите меѓу Вашингтон и Брисел за прашање од стратешко значење – вооружен конфликт на европско тло. Тој верува дека американскиот претседател Доналд Трамп го претставува концептот за мирно решение и прекин на војната, додека институциите на Европската Унија, како што тврди, продолжуваат да инсистираат на политиката на продолжување на борбите, дури и ако Соединетите Американски Држави се откажат од директно учество.

Ставовите на Орбан, кои честопати се разликуваат од официјалната линија на Брисел, овој пат се во фокусот на европската јавност, особено во контекст на сè поизразените поделби во рамките на ЕУ во врска со понатамошниот тек кон Украина и односите со главните глобални актери.