Актерот Ерик Дејн од неодамна е под постојана, 24-часовна медицинска нега откако му беше дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (АЛС) – болест што целосно му го промени животот, откри неговата поранешна сопруга.
Ѕвездата на серијата „Вовед во анатомија“, 53-годишниот Дејн, кој во април јавно соопшти дека живее со АЛС — неизлечива невродегенеративна болест, сè уште е во законски брак со актерката Ребека Гејхарт, со која се венчаше во 2004 година, пренесува „Индпендент“.
Иако Гејхарт во 2018 година поднесе барање за развод, во март годинава таа ја повлече тужбата со цел семејството да остане заедно во моментот кога Дејн се соочува со сериозни здравствени предизвици. Заедно имаат две ќерки.
Гејхарт отворено зборуваше за секојдневието на нивното семејство и откри дека „Ерик сега има медицински сестри кои се грижат за него 24/7“. Опишувајќи ја исцрпувачката борба со осигурителната компанија за да обезбеди постојана нега, таа се присети на еден разговор:

„Во врска со медицинските сестри, жената од неговото осигурување ми рече: Можете постојано да аплицирате, а јас постојано ќе одбивам. Помислив: Аха? По ѓаволите со тоа“.
Како што наведува, токму тој момент дополнително ја мотивирал.
„Тоа го претворив во моја мисија. Целосно се исцрпив, а потоа се фокусирав. И добивме одобрување по две жалби“.
Гејхарт објасни дека организацијата на негата е исклучително сложена: „Неделата е поделена на 21 смена“, а во моментите кога смените не се покриени, таа лично се грижи за Дејн.
Зборувајќи за односот што го изградиле по дијагнозата, актерката истакна дека атмосферата во семејството сега е помирна и потопла.
„Сè беше навистина позитивно и мислам дека е убаво што децата можат да ја видат нашата понежна страна. Не е дека се надеваат дека повторно ќе бидеме заедно — децата секогаш сонуваат нивните родители да се смират, но мислам дека нашите веќе не го прават тоа затоа што ја разбираат реалноста на ситуацијата. Се надевам дека наместо тоа гледаат двајца возрасни кои се обидуваат да бидат зрели и да се фокусираат на она што е важно“.

Иако се разделени веќе осум години, Гејхарт со емоции се осврна на нивниот заеднички живот.
„Имавме навистина убав брак долго време, бевме во брак 15 години, создадовме две прекрасни девојчиња“, рече таа, додавајќи: „Но, исто така, многу работи во нашиот однос тргнаа во хаос и не беа добри“.
Зборувајќи за природата на нивната врска денес, таа ја опиша како сложена:
„Се разделивме, но никогаш не се разведовме. Не живееме во ист дом веќе осум години, тој излегуваше со други луѓе, јас бев во врска. Тоа е многу комплициран однос, кој на луѓето им делува збнуувачки. Нашата љубов можеби не е романтична, но е семејна“.
Дејн, кој ја освои публиката со улогата на докторот Марк Слоун и понатаму јасно истакнува дека сака да остане професионално активен и покрај прогресивното губење на подвижноста.
„Прилично сум ограничен во тоа што можам физички да го правам како актер, но сè уште имам мозок и говор, така што сум подготвен да работам речиси сè. Ќе прифатам која било улога“, изјави овој месец за време на виртуелен панел на организацијата „I AM ALS“.











