Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство

Макфакс

30/12/2025

15:54

172

Големина на фонт

а а а

Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.

„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.

Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.

Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.

„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.