Гвардиола: Сити мора да се подготви за моето заминување

Макфакс

19/12/2025

19:55

240

Големина на фонт

а а а

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека клубот „мора да се подготви“ за да го испланира неговото заминување и да пронајде наследник. Иако Шпанецот има договор до крајот на сезоната 2026/27, гласни се шпекулациите дека ќе замине по заврпувањето на сезоната. Би-Би-Си пишува дека клупските челници веќе го започнале процесот на барање потенцијални кандидати за негова замена.

За време на неговата кариера во Сити, која ја започна во 2016 година, Гвардиола се етаблираше како една од најважните фигури во историјата на клубот, освојувајќи шест титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите. Кога беше прашан дали ќе го заврши договорот, 54-годишникот одговори криптички.

„Во последните три или четири години во одреден период, ми го поставуваат ова прашање. Порано или подоцна, на 75 или 76 години, ќе го напуштам Манчестер Сити. Го разбирам прашањето, но сè уште имам 18 месеци, и воодушевен сум“, рече Гвардиола.

Кога директно го прашаа дали ќе биде во Сити следната сезона, тој додаде: „Одговорив на тоа прашање и претходно. Тука сум. Што ќе се случи, којзнае, но и да имав договор од 10 години или шест месеци, фудбалот многу се менува.“

Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата за разговори за предвремено заминување. „Нема дискусија – крај на темата. Нема да бидам тука засекогаш и претходно реков дека нема да бидам тука засекогаш. Што ќе се случи, ќе се случи и клубот мора да биде подготвен за сè“, заклучи тој.

Во услови на неизвесност, менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, кој претходно беше помошник на Гвардиола во Сити, се споменува како еден од потенцијалните наследници. Италијанецот, сепак, категорично ги негираше ваквите гласини.

„Воопшто не ме засега бидејќи знам дека се 100% шпекулации. А во моментов нема време за такви работи“, рече Мареска, чиј договор со Челзи е до 2029 година.

„Мојот фокус, многу пати сум рекол, е само на овој клуб и многу сум горд што сум тука. Пред една недела бев поврзан со Јувентус. Затоа не обрнувам внимание бидејќи знам дека не е вистина.“

Би-Би-Си дознава дека чувството за потенцијална промена го натера Сити да ја интензивира потрагата по наследник на Гвардиола. Се верува дека се идентификувани најмалку двајца кандидати, иако нивните имиња засега остануваат тајна.

Спортскиот директор Уго Вијана има клучна улога во составувањето на списокот, а конечна одлука за иднината на Гвардиола не се очекува пред крајот на сезоната. Сити, кој моментално е два бода зад лидерот Арсенал, е домаќин на Вест Хем во сабота.