Флорентино Перез со две институционални обраќања во јавноста го искажа цело свое незадоволство за „случајот Негреира“ и најави дека ќе се бори до крај за да излезе вистината на виделина, пораки со кои јасно ја нападна Барселона, но и цел судиски систем кој според него му правел услуга на каталонскиот ривал.
Претседателот на Реал Мадрид беше навистина остар и нагласи дека одредени клубови испаѓале од Ла Лига поради судиската помош која ја добивала Барселона, а бидејќи притисокот од шпанската престолнина често се врши и преку клупската телевизија на „кралевите“, Жоан Лапорта во своето предбожиќно обраќање не се штедеше и возврати со иста мера како Флорентино.
– Сите знаеме дека во секоја спортска, социјална, институционална, па дури и економска акција, Барселона остава свој белег, како почитуван, признат, и сакан клуб на кои сите се восхитуваат. Морам да кажам и дека овој углед што го имаме генерира завист кај одредени луѓе, а лошото прифаќање прави да се служат со подмолни тактики, ги игнорираат сите кодекси на однесување, и етички и морални – и не само во спортот, туку воопшто во секоја сфера.
– Претпоставувам дека знаете на кого мислам, на оние кои оркестрираат постојани кампањи за да го дискредитираат нашиот грб и самата наша суштина како клуб, но ние нема да го дозволиме тоа. Тоа се оние кои ја мешаат моќта со деспотизмот. Ова се оние кои практикуваат цинизам и непропорционална ароганција, ова се оние кои водат ѓубре од телевизиска програма која не шири ништо друго, освен лаги со кои постојано ја труе јавноста, – изјави Лапорта.
– На овие луѓе им велам дека Барса е повторно силна, и на теренот и надвор од него, и додека се обидуваат да ја уништат, избришат или искриват историјата, нема да успеат. Ние градевме и градиме славна нова ера во историјата на Барса, таква што повторно ќе ги достигне најголемите височини, – нагласува Лапорта.






