„Сигмоид гроуп“ ја демантира Кузеска: Нема поврзаност на основачот со Мицкоски

Макфакс

17/12/2025

17:24

162

Големина на фонт

а а а

„Сигмоид гроуп“ демантира поврзаност на основачот на компанијата со премиерот Христијан Мицкоски. Претходно, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, кажа дека оваа фирма со тројца вработени добила 1,2 милион евра за два месеца и дека нејзиниот сопственикот, извесен Ј. Јанкуловски, дипломирал на Машинскиот факултет, на насоката мехатроника и роботика, каде што, како што кажа Кузеска, Христијан Мицкоски е професор.

Во продолжение е демантот на „Сигмоид гроуп“:

„Во врска со објавите од различни политички субјекти, доставуваме изјава со факти за поголема транспарентност.

Воедно, сметаме дека е несоодветно да се проблематизира работата на домашни субјекти кои активно работат и на странски пазари. Сметаме дека со нарушување на угледот на домашните субјекти се отвара простор и понатаму да доминираат на ИКТ пазарот во државата странски/регионални компании, наместо да се поддржи извозот на ИКТ услугите како што тоа го прават други држави.

Во врска со објавените наоди, а со цел точно, целосно и објективно информирање ја информираме јавноста за следното:

1. При споменатите набавки станува збор за групна набавка помеѓу компании во иста групација, односно помеѓу Сигмоид Гроуп ДООЕЛ и Сигмоид ДОО.

2. Сигмоид е ИКТ групација која е активно присутна на пазарот од 2018 година, со портфолио од над 40 клиенти во јавниот и приватниот сектор. Компанијата редовно учествува на јавни набавки во Република Северна Македонија, како и во други држави, вклучително и Естонија – една од најдигитализираните држави глобално. Податоци за дел од нашите клиенти се достапни и на нашата веб страна, како и на порталот за јавни набавки на Естонија. Во Република Северна Македонија, компанијата има склучено и реализирано повеќе од 30 договори директно со јавни институции, како и договори преку меѓународни донатори за имплементација на ИКТ системи. Во целокупното работење, Сигмоид соработува со раководствата на сите организации и институции исклучиво на професионална основа, независно од актуелниот менаџмент, политичката припадност или составот на раководните структури. Во тој контекст, успешно се имплементирани проекти со јавни институции предводени од различни политички партии.

3. Сигмоид има реализирано и значителни договори со странски држави, меѓу кои и со јавни организации од Естонија, како и со повеќе јавни институции од земјите на Западен Балкан, вклучително Република Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

4. Од финансиските извештаи за 2024 година јасно е видливо дека поголемиот дел од остварениот промет на Сигмоид потекнува од странство.

5. Сигмоид е официјален партнер со над 15 глобални водечки производители на ИКТ опрема и системи, особено од областа на сајбер безбедност. Во дел од споменатите јавни набавки се експлицитно побарани и уредно доставени авторизации од страна на производителите на ИКТ системите, во согласност со тендерската документација и важечките прописи.

6. Во однос на личните податоци, категорично демантираме дека основачот Јован Јанкуловски има завршено Машински факултет. Истакнуваме дека тој никогаш не бил студент на Машинскиот факултет. Воедно, никогаш немал контакт со премиерот.

7. Големината на тимот во рамки на групацијата е значително поголем и во изминатите две години континуирано изнесува над 20 вработени и ангажирани професионалци од областа на ИКТ, со јасна тенденција на раст.

8. Нагласуваме дека во предметните тимови на споменатите набавки се ангажирани и професионалци (вклучително и странски експерти) со највисоки сертификати од областа на сајбер безбедност. Дополнително, посочуваме дека при јавни набавки во други држави се ангажирани од страна на нашиот тим и експерти со NATO сертификати за безбедност што укажува на капацитетот на проектните тимови“.