[ВИДЕО/ФОТО] Нејзиното семејство избегало од Украина во Австралија: Тажната приказна на девојчето Матилда (10) кое беше убиено на плажата во Сиднеј

Точка

17/12/2025

16:35

688

Големина на фонт

а а а

Матилда (10) е една од 15-те жртви на масакрот во Австралија што се случи во неделата. Напаѓачот, 24-годишниот Навид Акрам, официјално е обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои тероризам и 15 убиства.

Матилда уживала во празничната атмосфера на плажата Бондај со своите родители, помалата сестра и пријателите, кога двајцата напаѓачи, татко и син, отвориле оган. Матилда била ранета во пукањето и итно пренесена во болница, каде што починала и покрај напорите на лекарите да ѝ го спасат животот.

„Децата треба да бидат среќни. Треба да си играат на плажа, а не да размислуваат за куршуми што летаат наоколу“, изјави нејзината тетка Лина.


Родителите на Матилда зборувале за последните моменти од животот на нивната ќерка за време на меморијалниот собир во средата. „Како да трча наоколу среќна, а потоа… она што ми е пред очи е како лежи на земја“, рече низ солзи нејзината мајка Валентина.

Таткото Мајкл раскажа дека ја завиткал својата кошула околу ќерката додека таа му велела дека не може да дише.

Наставничката на Матилда ја опишала како „бистро, радосно и живо дете кое внесуваше светлина кај сите околу себе“. Наставничката Ирина Гуџу отпочна кампања на „GoFundMe“ во име на семејството на Матилда.


Семејството се преселило од Украина во Австралија и, како што вели Лина, уживало во прошетки по плажата, пикници во парк и посети на зоолошката градина.

Хармониската руска школа во Сиднеј соопшти на Фејсбук дека Матилда била нивна поранешна ученичка. „Одаваме почит на нејзиниот живот и на времето што го помина како дел од нашето училишно семејство“, се наведува во објавата.


На јавниот меморијал одржан во павилјонот Бондај во вторникот, таткото на Матилда, Мајкл, им рече на присутните дека ќерката ја нарекол Матилда затоа што таа била неговото прво дете родено во Австралија, според снимка објавена од „Reuters“. „Помислив дека Матилда е најавстралиското име што постои“, изјави Мајкл.

Видно потресена и без здив, Валентина рекла дека по заминувањето од Украина „не можела ни да замисли дека токму тука ќе ја изгуби својата ќерка“.


„Не можам ни да замислам какво е тоа чудовиште што стои на тој мост и гледа како мало девојче трча по татко ѝ за да се скрие… и тој едноставно го повлече чкрапалото кон неа“, изјави мајката на убиеното девојче.

Откако ја прегрнал мајката, братот на Матилда изјавил дека утеха му е тоа што знае дека неговата сестра „знаела дека е сакана“.