Рубен Аморим доживеа низа измешани чувства во текот на лудите 100 минути на „Олд Трафорд“, бидејќи неговиот тим водеше во три наврати против Борнмут, за на крајот да се задоволи само со бод.
„Црвените ѓаволи“ не го искористија добриот моментум во првото полувреме и потоа брка негатива во вториот дел, па иако направија пресврт во финишот, на крајот сепак примија гол и натпреварот кој е прв кандидат за меч на сезоната заврши со резултат 4:4.
Од неутрална гледна точка, вчерашната средба беше вистинско уживање за фановите, но не и за играчите и навивачите на Јунајтед на чии лица одблеснуваше разочарување по последниот судиски свиреж.
– Конечниот резултат е разочарувачки за мене, навистина сме многу разочарани. Ова беше луд натпревар, можеби изгледа дека ги загубивме двата поени во вториот дел, но според мене тоа се случи во првото полувреме. Доминиравме во првиот дел и создадовме доста шанси и моравме да имаме подобар резултат на паузата. Севкупно гледано, заслуживме повеќе и резултатот требаше да биде поинаков.
– Знам дека беше забавно за сите кои го гледаа мечот од дома, но не и за нас. Губиме концентрација во клучни моменти и им дозволивме да постигнат два брзи гола на стартот на вториот дел. Одговоривме со два гола и во тој момент мислев дека ја осигуравме победата, но на крајот мора да се задоволиме со реми.
– Четирите постигнати гола се доказ дека доста работи правиме добро, но четирите примени ни посочуваат дека имаме уште многу работа пред нас. Не станува збор за формација или само за играчите во одбрана, треба да се браниме подобро како тим, треба да ги контролираме подобро деталите и да бидеме ефикасни кога моментумот е на наша страна. Мора да ги затвораме натпреварите кога имаме шанса за тоа, бидејќи во спротивно, оставаме простор на противникот да реагира и да извлече бодови, – изјави Аморим.









