Мис на Финска се извини за расистичкиот потег откако ѝ беше одземена титулата

Точка

15/12/2025

19:51

1.269

Големина на фонт

а а а

Сара Џафче ѝ се извини на Кина и на азиската заедница, три месеци откако ја освои титулата Мис на Финска, која подоцна ѝ беше одземена поради бројни критики за расно навредлива објава на социјалните мрежи кон крајот на ноември, во која со прстите ги повлекла очите на страна.

На фотографијата објавена кон крајот на ноември на социјалните мрежи, Сара Џафче со прстите ги „искосила“ очите – гест кој беше протолкуван како исмејување на азиските црти на лицето – со натпис дека „јаде со Кинез“, објави „news.com.au“, а пренесе „Global Times“.

Според наводите на „Helsinki Times“, фотографијата првично ја споделил пријател, а не самата Џафче, во приватна група.

Поранешната Мис на Финска тврдела дека гестот бил реакција на главоболка и притисок во очите за време на вечерата, а дека пријателот го додал натписот без нејзино одобрение. Подоцна, таа се извини на „Instagram“ на фински јазик со пораката: „Сакам да им се извинам особено на оние кои лично беа погодени од оваа ситуација. Ќе учам од ова и ќе растам“.

Сара во објавата навела дека една од нејзините најважни вредности е „почитувањето на луѓето, нивното наследство и разликите“, но корисниците на социјалните мрежи не го прифатија извинувањето. Под нејзината објава се појавија коментари како: „Многу интересен ПР-одговор, дури ни не се обидоа да звучи веродостојно на англиски“ и „Годината е 2025, мислев дека Финска има подобро образование, навистина?“.

Некои корисници повикаа таа да ја врати титулата Мис на Финска. Организаторите на натпреварот во четвртокот потврдија дека титулата е одземена и соопштија дека не прифаќаат каков било облик на расизам или дискриминација, при што се извинија за инцидентот, пренесе „South China Post“.

Џафче на прес-конференција, обраќајќи се на фински јазик, изјави дека им се извинува на сите кои ги навредила или повредила, особено на азиската заедница. Потоа, на кинески јазик изговори извинување упатено до Кина, а на англиски додаде дека искрено ѝ е жал.


Директорката на организацијата „Miss Suomi“, Сунева Сјегрен, потврди дека одземањето на титулата следело по неколку дена внатрешни разговори. Претходно во текот на неделата, организацијата тврдеше дека не планира да ја одземе круната, пренесе „Helsinki Times“.

Титулата ја презеде Тара Лехтонен, која беше втора на натпреварот.