Поврзаност помеѓу талк и рак: „Johnson & Johnson“ мора да им исплати 40 милиони долари на жени кои ја добија тужбата

Точка

13/12/2025

17:42

710

Големина на фонт

а а а

Поротата во Калифорнија во петокот им додели 40 милиони долари на жени кои тврдеа дека бебешката пудра на „Johnson & Johnson“ е виновна за нивниот рак на јајници.

Поротата на Вишиот суд во Лос Анџелес додели 18 милиони долари на Моника Кент и 22 милиони долари на Дебора Шулц и нејзиниот сопруг, откако утврди дека „Johnson & Johnson“ со години знаел дека нивните производи на база на талк се опасни, но не ги предупредил потрошувачите.


Ерик Хас, потпретседател за судски спорови во „Johnson & Johnson“ на глобално ниво, изјави дека компанијата планира веднаш да поднесе жалба на оваа пресуда и очекува да успее.

Според судските записи, кај Кент бил дијагностициран рак на јајници во 2014 година, додека кај Шулц дијагнозата била поставена во 2018 година.

Двете жени се жителки на Калифорнија и велат дека 40 години користеле бебешка пудра по капење. Нивните третмани за рак на јајници вклучувале големи хируршки зафати и десетици циклуси на хемотерапија, сведочеа тие за време на судењето.

Енди Бирчфилд, адвокат на двете жени, изјави пред поротата дека „Johnson & Johnson“ уште во 1960-тите години знаел дека нивниот производ може да предизвика рак.


„Апсолутно знаеле, знаеле и правеле сè што можеле за да го сокријат тоа, да ја закопаат вистината за опасностите“, рече Бирчфилд.

Според судските поднесоци, компанијата „J&J“ се соочува со тужби од повеќе од 67.000 лица кои тврдат дека им бил дијагностициран рак по користење на нивната бебешка пудра и други производи со талк.

Компанијата изјави дека нејзините производи се безбедни, дека не содржат азбест и дека не предизвикуваат рак. „Johnson & Johnson“ во 2020 година престана да ја продава бебешката пудра на база на талк во САД, преминувајќи на производ направен од пченкарен скроб.