Лукашенко помилува 123 затвореници во замена за укинување на американските санкции

Макфакс

13/12/2025

17:14

424

Големина на фонт

а а а

Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 123 затвореници како дел од договор со САД за укинување на американските санкции поврзани со увозот на белоруски калиумови ѓубрива, познати како поташа, јавија меѓународните медиуми.

Според информациите, ослободените лица се од различни националности и биле осудени по обвиненија кои вклучуваат шпионажа, тероризам и екстремизам.

Меѓу помилуваните е и Алеш Бјалијатски, основач на белоруската организација за човекови права „Вијасна“ и добитник на Нобеловата награда за мир за 2022 година, како и две истакнати опозициски фигури – Марија Колесникова и Виктор Бабарико, потврди американската амбасада во Вилнус.

Договорот бил постигнат по дводневни преговори меѓу Лукашенко и Џон Кол, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.

Меѓу ослободените има и петмина украински државјани, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодари на Вашингтон за посредувањето.

„Началникот на военото разузнавање Кирил Буданов презентираше детали за подготовката на специјална мисија за ослободување на нашите граѓани притворени во Белорусија. Благодарение на активната улога на САД и соработката на разузнавачките служби, околу сто лица, меѓу кои и петмина Украинци, сега се слободни“, напиша Зеленски на Телеграм.

Поташата е еден од најважните извозни производи на Белорусија и клучна суровина за производство на минерални ѓубрива, а санкциите кон овој сектор беа воведени од САД поради состојбата со човековите права во земјата.