[ВИДЕО] Уапсена инфлуенсерката што грабна бебе вомбат, а мајката трчала по него: Австралискиот премиер ѝ порача – „Земи бебе крокодил и види како тоа ќе заврши“

Точка

27/11/2025

17:04

1.156

Големина на фонт

а а а

Девојка која предизвика бес низ цела Австралија откако беше снимена како грабнува младенче вомбат од неговата мајка, е уапсена во САД.

Американската инфлуенсерка, која по инцидентот во март ја напушти Австралија поради повици за депортација, сега се соочува со обвиненија во својата татковина, пишува „Sky News Australia“.

Саманта Страбл, на интернет позната како Сем Џоунс, се соочува со повеќекратни обвиненија за прекршување на законите за лов во Вајоминг. 25-годишната девојка е обвинета дека лажела за своето живеалиште за да добие дозвола за лов во таа американска сојузна држава.

Уапсена е на 21 ноември, известија локалните медиуми. Според судските записи, Страбл се товари дека лажно изјавила дека живее во Вајоминг за да прибави неколку дозволи за лов наменети за локалното население.

Таа се соочува со осум прекршочни пријави, меѓу кои шест точки за лажно сведочење, како и по една за лов на дивеч без дозвола и лов без водич во дивина како нерезидент. Била пуштена на слобода истиот ден кога била уапсена.

Инцидент што ја згрози Австралија

Американската инфлуенсерка стана вирална во март поради снимка на која се гледа како фаќа младенче вомбат и бега од неговата вознемирена мајка за време на своето патување низ Австралија.

Снимката на која Саманта грубо постапува со вомбатот беше осудена како „сурова“, а Австралијците повикуваа владата да ја депортира.

На видеото се гледа како ноќе го грабнува младенчето покрај патот, додека мажот што ја снимал ситуацијата се смее. Страбл ја претрчува улицата додека преплашеното животно ѝ виси од раце, а мајката на младенчето трча по нив.

„Гледај ја мајката, трча по него“, се слуша како говори мажот.

Австралискиот премиер: Нека земе младенче крокодил од неговата мајка

Во контроверзијата се вклучија и премиерот Ентони Албанезе и министерот за внатрешни работи Тони Бурк, кои изјавија дека Австралија е „среќна што го гледа нејзиниот грб“ откако ја напушти земјата.

Во бизарен пресврт, Саманта објави изјава во која ја критикува Австралија по реакцијата на јавноста. „Дали јас сум негативецот? Работите, драги читатели, не се такви какви што изгледаат. Поради држењето на вомбат, илјадници луѓе ми се закануваат по живот. Да бидам јасна. Тие исти луѓе треба да ја сфатат реалноста на денешна Австралија. За читателите кои се толку лути поради мојот погрешен обид да помогнам и затоа што сум ловец — не бидете слепи за вашата земја“.

Албанезе подоцна ѝ одговори, предизвикувајќи ја самопрогласената „научничка за животна средина“ да земе некое друго животно кое навистина може да се одбрани. „Земи младенче крокодил од неговата мајка и види како тоа ќе заврши“, рече тој.