Мисајловски во посета на припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа

Макфакс

27/11/2025

17:37

144

Големина на фонт

а а а

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Сараево ги посети припадниците на македонскиот контингент во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР Алтеа, при што се информираше за нивниот ангажман и придонес кон безбедноста и стабилноста на земјата.

На средбата со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор, Флорин-Мариан Барбу, министерот го истакна значењето на оваа операција за безбедноста на регионот, укажувајќи дека нашата држава речиси две декади континуирано придонесува кон напорите на Европската Унија за одржување на безбедна и стабилна Босна и Херцеговина.

Во Сараево, министерот се сретна и со припадниците на македонскиот контингент интегриран во рамки на единица од Турција, како и со македонскиот претставник во командата на ЕУФОР. На средбата, Мисајловски им честиташе за високото ниво на професионализам, ангажман и подготвеност, истакнувајќи дека токму нивната работа е најдобар пример за партнерство и доверба меѓу земјите кои придонесуваат во оваа операција.

„Горд сум на секој наш припадник кој учествува во операцијата Алтеа. Вашиот придонес не е само во функција на мирот и стабилноста во БиХ – тој е силна порака за нашата заложба како држава, за нашата посветеност на европските безбедносни политики и за нашата улога како кредибилен партнер во меѓународните мисии“, истакна Мисајловски.

Тој најави дека нашата држава ќе продолжи активно да придонесува кон зацврстување на безбедноста на регионот, преку учеството во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и НАТО – мисијата на Косово.

На тој начин, додаде Мисајловски, ја одржуваме долгорочната стабилност во регионот и безбедноста на сите наши граѓани.

Припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа учествуваат од 2006 година. Во моментов во рамки на операцијата учествуваат 33 армиски припадници.

Во базата „Бутмир“ во Сараево, Мисајловски положи свежо цвеќе на спомен обележјето на припадниците на македонската Армија кои загинаа во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, а кои беа дел од оваа мисија.