[ФОТО/ВИДЕО] Со љубов за Кочани: Клиентка на стилистот Зоки Давитков ја враќа самодовербата на младо девојче по пожарот

Точка

04/11/2025

22:21

3.609

Големина на фонт

а а а

Во време кога секојдневието е исполнето со тешки вести, од „светот на убавината“ пристигна еден пример на искрена човечност.

Фризерот и стилист Зоки Давитков на своите социјални мрежи сподели приказна која ја враќа вербата во луѓето - негова клиентка се понудила да плати надградба на коса за девојче од Кочани кое ја изгубило својата коса во страшниот пожар.

Овој гест е дел од иницијатива што Давитков и неговиот тим ја покренаа по трагичниот настан, со цел да им помогнат на девојките од Кочани кои во пожарот останале без својата коса. Нивната мисија, како што вели стилистот, не е само естетска - туку емотивна и човечка.


„Нашата цел е да им вратиме насмевка, самодоверба и радост. Ова не е само работа, ова е љубов, човечност и надеж“, сподели Давитков во објавата, нагласувајќи дека поддршката што секојдневно ја добива од своите следбеници му дава сила да продолжи со помошта.

Иницијативата започнала откако негови клиенти и пријатели покажале желба да им помогнат на погодените девојки, а првата конкретна донација - финансирање на надградба од страна на клиентка, стана симбол на тоа како едно добро дело може да поттикне нови.

„Ваквите моменти потсетуваат дека кога правиме добро - го шириме доброто“, порача Давитков, повикувајќи и други да се приклучат кон акцијата.

Со оваа приказна, познатиот стилист уште еднаш покажа дека неговата работа не се мери само во фризури и стилови, туку и во хуманост и емпатија. Акцијата продолжува, а секој кој сака да помогне, може да го направи тоа преку контакт со неговиот салон.

Автор: Ц.Н.