Најсилниот човек на светот денес е буквално прикован за кревет – тешко е да се гледа низ што поминува

Точка

04/11/2025

16:27

1.634

Големина на фонт

а а а

„Знаев дека мојот начин на живот ќе има последици, но никогаш не помислив дека ќе биде вака тешко. Последниве недели беа најтешките во мојот живот", изјави неодамна.

Рони Колман (61), легендарниот американски бодибилдер и осумкратен победник на престижниот натпревар „Mr. Olympia“, минува низ најтешкиот период од својот живот. Иконата на бодибилдингот, познат по натчовечката сила и по рекордните тежини што ги креваше за време на својата кариера, денес се соочува со серија сериозни здравствени проблеми – последици од години екстремни напори и бројни операции.

Колман последниве месеци повторно беше хоспитализиран поради сепса, односно инфекција на крвотокот – болест што може да биде смртоносна доколку не се лекува навремено.


Неговото семејство потврди дека станува збор за „комплексна и сериозна состојба“, и дека легендарниот спортист е префрлен во специјализирана здравствена установа, каде што е постојано под надзор на лекарите.

За време на третманот на инфекцијата, лекарите откриле и дополнителен здравствен проблем кој бара нова хируршка интервенција. Според пишувањата на американските медиуми, срцето на Колман моментално работи со само околу 20 проценти од своите функционални капацитети, што дополнително ја влошува неговата состојба.


Борба што трае со години

Рони Колман веќе со години се бори со последиците од својата екстремна кариера. По повеќе од тринаесет операции на грбот, вратот и колковите, останал делумно неподвижен. Денес се движи со помош на инвалидска количка или патерици, а хроничната болка ја опишува како „постојан придружник“ на неговиот живот.

„Знаев дека мојот стил на живот ќе има последици, но никогаш не мислев дека ќе биде толку тежок. Последниве недели беа најтешките што сум ги доживеал", изјави неодамна Колман во интервју.


Се бори со надеж

Иако пред неколку години уверено тврдеше дека повторно ќе може да оди самостојно, неговата состојба се влошила со текот на времето.

Лекарите се многу внимателни со прогнозите, а Колман во моментов е фокусиран на рехабилитација и на одржување на основните функции на организмот.

Легендата на бодибилдингот, која некогаш беше симбол на човечка сила и упорност, денес води најтешката битка во својот живот – онаа за здравјето и достоинството.