Зошто Италијанците никогаш не пијат капучино по 11 часот претпладне? Позади навидум банална навика, се крие интересна животна филозофија

Точка

28/10/2025

16:34

606

Големина на фонт

а а а

Во Италија – земјата во која кафето е речиси дел од националниот идентитет – постојат непишани правила за тоа кога, што и како се пие.

Туристите често се воодушевени од шарените барови и опојниот мирис на свежо сомелено кафе што ги исполнува улиците, но истовремено се збунети од низа необични правила што Италијанците ги почитуваат со речиси свето убедување. Едно од нив е особено интересно:

„Капучино се пие само наутро, никогаш по 11 часот!“.


За многу посетители на оваа волшебна земја тоа е вистинско изненадување – зар капучино не годи во секое доба од денот? Но за Италијанците тоа правило не е пука навика, туку одраз на длабоко вкоренета традиција и култура што со векови го обликува нивниот препознатлив, елегантен и безгрижен начин на живот.

Едноставното објаснување зад италијанското „Не“ за капучино по утрото

Главната причина поради која Италијанците го избегнуваат капучиното по 11 часот е всушност многу едноставна – се работи за млекото. Тие веруваат дека млекото го оптоварува желудникот и ја отежнува дигестијата, особено по јадење, па пијалаците што го содржат – како капучиното или латe макијатото – се пијат исклучиво наутро, пред оброк.

Како што одминува денот, а ручекот или вечерата завршуваат, да се нарача капучино се смета речиси за непристојно, а за многумина и малку чудно.

За Италијанците тоа едноставно не е во согласност со нивните навики и начинот на живот. Наместо пијалаци со млеко, тие избираат еспресо – кратко, силно кафе без ниту една капка млеко. Тоа е совршен завршеток на оброкот, мал поттик на енергија и симбол на чисто, неподправено кафе – токму онакво какво што Италијанците навистина го сакаат.


Утрински ритуал кој не познава компромиси

За Италијанците, капучиното е всушност вистински појадок во чаша. Се приготвува со совршен сооднос на еспресо, топло млеко и кадифена млечна пена, а во него се ужива полека – со мирисот на свежи пецива, весници или краток разговор пред работа. Тој утрински момент за многумина е омилениот почеток на денот – симбол на топлина и опуштеност, што дава сила за сè што следува.

Околу десет или единаесет часот тој ритуал завршува, а баровите полека престануваат да им служат капучино на локалните жители. На туристите, секако, со задоволство ќе им го приготват, но со онаа препознатлива италијанска насмевка која кажува повеќе од илјада зборови. За Италијанците, таквото барање би било исто толку необично како некој сред лето да побара чинија топла супа. Едноставно – не е вистинскиот момент за тоа.

Земја во која животот се мери во голтки кафе

Италијанската љубов кон кафето датира со векови наназад, а нејзината историја е нераскинливо поврзана со историјата на самиот народ. Првата кафетерија во Италија била отворена уште во 17 век во Венеција – градот кој, благодарение на трговијата со Истокот, прв ги донел зрната кафе во Европа. Од тогаш, кафето станало неизоставен дел од италијанскиот живот, а ритуалот на пиење еспресо се претворил во вистинска уметност.


Денес во Италија постојат повеќе од 150 илјади барови, а се проценува дека просечниот Италијанец пие околу четири до пет шолји кафе дневно. Еспресото, секако, е кралот меѓу нив. Во поголемиот дел од баровите цената на еспресото е симболично ниска, бидејќи се смета дека кафето треба да биде достапно за сите – без оглед на општествениот статус.