На состанокот во среда, литванската влада ќе разгледа предлог за затворање на литванско-белоруската граница на неодредено време, со исклучоци за дипломатите и граѓаните на ЕУ што патуваат од Белорусија, објави литванската премиерка Инга Ругињене, додавајќи дека земјата не ја исклучува можноста за свикување консултации за активирање на Член 4 од НАТО алијансата.
„Владата ќе одржи состанок во среда, а ние веќе подготвивме одлука за затворање на границата со Белорусија на неодредено време, со одредени исклучоци. Ова значи дека дипломатите и дипломатските пакети ќе можат да патуваат, како и нашите граѓани и граѓаните на ЕУ од Белорусија, но целиот друг сообраќај ќе биде затворен“, рече Ругињене на прес-конференцијата што ја емитуваше порталот „Делфи“.
Таа изјави дека Литванија ќе ги координира санкциите со Европската Унија и, доколку е потребно, ќе побара активирање на тимот за хибриден одговор на НАТО.
„Министерството за надворешни работи на Литванија доби јасни задачи, пред сè, да координира со Европската Унија пакет дополнителни санкции против Белорусија. И тоа ќе биде направено за кратко време“, изјави Ругињене и додаде дека активно се консултираат и комуницираат со своите сојузници и соседи Полска и Латвија. Иако дипломатска пошта ќе може да се испраќа преку границата, на дипломатите ќе им биде дозволено да ја преминат границата, а на граѓаните на Литванија и земјите од Европската Унија ќе им биде дозволено да влезат од белоруска страна, сите други движења ќе бидат затворени, истакна Ругињене.
„Вака испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека тука нема да се толерира никаков хибриден напад и дека ќе ги преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме ваквите напади“, истакна таа и додаде дека армијата ќе ги собори балоните.
Владата, рече таа, ќе се обиде да го измени и Кривичниот законик: ќе се предложи да се заострат казните за шверц, а покрај казните, сега се дискутира дека би можеле да се вклучат и затворски казни, рече таа, пренесува Танјуг.
Повеќе од 170 летови беа прекинати откако литванскиот воздушен простор беше затворен четири пати во изминатата недела поради шверцувани балони од Белорусија, изјави Видас Кшанас, директор на Одделот за безбедност, сигурност и отпорност на литванските аеродроми (LTOU).
Тој вели дека тоа влијаело на движењето на повеќе од 27.000 луѓе. „Имавме особено голем број прекини оваа недела – ако ги соберам колку летови беа прекинати, тоа се повеќе од 170 летови. Тоа е огромен број патници, 27 илјади патници доживеаја непријатности оваа недела“, изјави Кшанас за радио ЛРТ.
Член 4 им овозможува на земјите да повикаат на преговори со НАТО „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Постапката е активирана само девет пати во историјата на НАТО, но релативно неодамна ја иницираа Полска и Естонија по два инциденти со руски повреди на воздушниот простор во септември, објавува Ројтерс.











