Директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, денеска е приведен од страна на полицијата, потврдија извори од Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, Единицата за економски криминал при МВР попладнево одзела дополнителна документација поврзана со работењето на претпријатието и лишила од слобода две лица осомничени во врска со непостапувањето околу собирањето и управувањето со отпадот во главниот град.
– По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази. Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, известија од Јавното обвинителство.

Очекувањата се дека во текот на денот приведените ќе добијат кривични пријави и ќе бидат изведени пред јавен обвинител.
Рустеми е директор „Комунална хигиена“ од 29 јануари годинава, член на ДУИ, а поставен за директор од градоначалничката на Скопје - Данела Арсовска.







