Убиецот Марк Дејвид Чепмен го застрела Џон Ленон од патетична желба „да биде некој“, изјавил неодамна пред комисијата за условна казна, воочи 45-годишнината од големото злосторство.
„Ова беше поради мене и само поради мене, за жал сѐ имаше врска со неговата популарност“, изјавил 70-годишниот Чепмен од Казнено поправната установа Грин Хејвен во округот Дачис кон крајот на август, според транскриптот на интервјуто до кое сега дошол „New York Post“.
„Моето злосторство беше целосно себично“, додал тој.
Чепмен, којшто го уби 40-годишниот Ленон пред зградата Дакота во Њујорк на 8 декември 1980 година, по 14 пат безуспешно се обидел да излезе од затвор.
Тој се извинил поради „пустошот“ којшто го нанел на фановите и пријателите на рок легендата, но комисијата не поверувала во неговото каење, покажале документите.
На прашањето на еден од комесарите зошто сакал да го убие Ленон, тој одговорил:
„За да бидам познат, за да бидам нешто што не сум. Но, потоа сфатив, тука постои цел“, изјавил Чепмен, па додал: „Не морам да умрам и можам да бидам некој. Толку ниско паднав“.
Инспирација во роман
Во текот на претходното сослушување, Чепмен давал слични изјави за славата, говорејќи дека сакал да биде познат и дека имал зло во срцето.
На сослушувањето на 27 август повторно го опишал морничавото убиство, велејќи пред комисијата дека дошол во Менхетен од Хаваи еден месец претходно, одлучен да ја убие рок иконата откако се поистоветувал со Холден Колфилд од романот „Игра во 'ржта“ и поверувал дека Ленон е „лажен“.
Тогаш 25-годишниот Чепмен седел пред зградата во октомври и го чекал Ленон, но тој не се појавил. Два месеци подоцна се вратил „откако опсесијата повторно почнала да се појавува“.
„Тоа утро, на 8 декември, едноставно знаев. Не знам како знаев, но знаев дека ќе биде денот кога ќе го сретнам и убијам“, изјавил Чепмен.
Кога Ленон излегол од лимузината со сопругата Јоко Оно, Чепмен му пукал четири пати во грбот, неколку часа откако гитаристот му потпишал албум.
Осуден бил на казна од 20 години до доживотен затвор.
„Нема каење“
Во последните години, Чепмен времето го поминува на вечерно проучување на Библијата, играјќи одбојка со други затвореници и разговарајќи со својата сопруга Глорија со која е во брак 46 години.
Чепмен изразил каење поради убиството на неколку сослушувања, вклучувајќи го и последното.
„Тој беше човечко суштество“, рекол мислејќи на Ленон, па додал:
„Еве ме мене, живеам многу подолго, а не само на семејството туку и на неговите пријатели и фанови им се извинувам поради раздорот којшто им го нанесов, агонијата низ која мораа да поминат. Во времето на злосторот за тоа воопшто не размислував, не ми беше гајле“.
Без оглед на извинувањата, комисијата заклучила дека му недостасува „вистинско каење или значајна емпатија кон жртвите“.
Следниот пат барање на условна казна ќе биде поднесено во 2027 година.
„Немам повеќе никаков интерес да бидам познат. Само ставете ме некаде под тепих. Повеќе не сакам да бидам познат и точка“, рекол Чепмен.