Пејачката Тејлор Свифт донирала 100.000 долари за лекување на двегодишната Лајла, на која ѝ бил дијагностициран рак во четврт стадиум. Донацијата следувала откако на социјалните мрежи стана вирален видео запис во кој Лајла гледа музички спот на Тејлор.
Имено, додека го гледала спотот на Тејлор, Лајла извикала: „Тоа е мојата пријателка!“.
Донацијата е уплатена преку страната „GoFundMe“ која е отворена за Лајла и нејзиното семејство. Заедно со донацијата, Свифт испратила и трогателна порака: „Испраќам голема прегратка до мојата пријателка Лајла! Со љубов, Тејлор“.
Лајла на 18 месеци добила дијагноза на агресивна форма на рак на мозокот, откако доживеала напад. Досега била подложена на операција за отстранување на туморот, а нејзиниот терапевтски процес вклучува хемотерапија, зрачење со протони и лекување со матични клетки.
По објавата за донацијата на Свифт, фановите на пејачката масовно започнале да донираат во кампањата, често со износи од по 13 долари – бројка која Свифт често ја користи како свој заштитен знак.
Инаку, 12-от студиски албум на Свифт, „The Life of a Showgirl“, е продаден во 4 милиони примероци во САД во првите 7 дена од излегувањето, со што го сруши рекордот кој речиси 10 години го држеше пејачката Адел.