Повеќе од 3000 граѓани на Велика Британија ја тужат компанијата „Johnson & Johnson“ („J&J“) поради наводно прикривање на факти за присуството на азбест во нивната минерална беби пудра.
Тужбата ја поднела адвокатската канцеларија „KP Law“, а во неа се наведува дека компанијата уште во шеесеттите години знаела дека пудрата содржи тремолит и актинолит – минерали кои во влакнеста форма спаѓаат во азбест – супстанција поврзана со смртоносни форми на рак.
Според документи на кои се повикува „BBC“, „J&J“ никогаш не ги предупредила потрошувачите за можноста од контаминација, туку спроведувала агресивни маркетинг-кампањи претставувајќи ја пудрата како „чиста и безбедна“.
Децении без предупредување на пакувањето
Во судските списоци се наведува дека интерни документи од 1973 година содржеле податоци за присуство на влакна кои може да се класифицираат како азбест.
Исто така, извршниот тим истата година размислувал за патентирање на метод за отстранување на азбестните влакна од пудрата, но било решено тоа да остане тајна.
Според наводите во тужбата, компанијата од седумдесеттите години се обидувала да влијае врз регулативите на Американската агенција за храна и лекови (FDA) со цел да се дозволат пониски стандарди за детекција на азбест, и на тој начин да се избегне откривање на помали количини на контаминација.
Компанијата ги негира сите обвинувања, тврдејќи дека нивниот производ „бил во согласност со сите регулаторни стандарди, не содржел азбест и не предизвикувал рак“.
Продажбата на талк пудрата во Велика Британија официјално е прекината во 2023 година.
Очекувана рекордна тужба во историјата на британското правосудство
Адвокатите на тужителите наведуваат дека оштетните барања би можеле да достигнат стотици милиони фунти, што би го направило овој случај најголем процес по основ на одговорност за производ во историјата на Велика Британија.
Поголемиот дел од тужителите заболеле од рак на јајници, мезотелиом (карцином поврзан со изложеност на азбест) или други видови рак. Мнозинството од нив наводно со години ја користеле бебешката пудра во домаќинствата.
Една од тужителките, која зборувала за „BBC“, изјавила дека производот го користела со години, верувајќи дека е безбеден за нејзините деца. Подоцна ѝ бил дијагностициран рак на јајници во поодмината фаза.
Спор што трае и во САД
Случајот во Велика Британија е одраз на серија судски процеси во Соединетите Американски Држави, каде што компанијата веќе се соочила со повеќе пресуди и милијарди долари оштети. Во некои случаи, пресудите биле потврдени, додека во други „J&J“ успеала да поднесе жалби.
Во почетокот на октомври, суд во Конектикат ѝ наредил на „J&J“ да исплати 25 милиони долари на маж заболeн од терминален мезотелиом, откако било утврдено дека со години ја користел нивната пудра.
Поранешниот директор за токсикологија во компанијата, д-р Стив Ман, признал дека давал изјави за безбедноста на производот без увид во резултатите од тестирањата, и дека имал информации за присуството на азбест, но не ги пренел ниту на раководството ниту на регулаторните тела.
Постоеле побезбедни состојки
Судијата во образложението на пресудата нагласил дека компанијата имала можност да користи пченкарен скроб, кој претставува побезбедна алтернатива, но сепак продолжила да продава пудра на база на талк во САД до 2020 година, а во Велика Британија уште три години подоцна.