Светски познатата поп-пејачка Бритни Спирс се огласи на социјалните мрежи за да му испрати порака на својот поранешен сопруг, Кевин Федерлајн, кој откри шокантни детали за неа во своите мемоари „Мислеше дека знаеш“ (You Thought You Knew), пишува „Варајети“.
Откако нејзиниот поранешен сопруг во своите мемоари изјави дека е загрижен за нејзиното однесување, Бритни Спирс проговори за тоа на својот Инстаграм профил. Кевин Федерлајн истакна дека е загрижен за своите двајца сина, кои му раскажувале како се буделе ноќе и ја гледале мајка им како ги гледа со нож во рака.
Пејачката сподели долга порака со своите следбеници, а ја започна со наведување: „Постојаното лудило што го спроведува мојот поранешен сопруг е исклучително болно и исцрпувачко. Секогаш молев и плачев да имам живот со моите момчиња.“ „Односите со тинејџерите се сложени. Се чувствував деморализирана од ситуацијата и секогаш барав и речиси молев да бидат дел од мојот живот“, додала Спирс.
„За жал, тие секогаш биле сведоци на недостатокот на почит што нивниот татко го имал кон мене. Тие мора да преземат одговорност за себе. Едниот син ме видел само 45 минути во изминатите пет години, а другиот имал само четири посети“, објасни пејачката, додавајќи: „И јас имам гордост. Отсега па натаму, ќе ги известувам кога ќе бидам достапна“.
Во врска со тврдењата на нејзиниот поранешен сопруг во книгата, таа рече: „Што се однесува до „малите лаги“ во таа книга, тие одат директно во банка и јас сум единствената што ќе биде навистина повредена. Секогаш ќе ги сакам и ако навистина ме познавате, нема да обрнувате внимание на таблоидите за моето ментално здравје и алкохолизам.“
„Јас сум интелигентна жена која се обидуваше да живее беспрекорен и приватен живот во последните пет години. Зборувам за ова затоа што ми е доста и секоја вистинска жена би го сторила истото“, заклучи Бритни Спирс.
Спирс и Федерлајн се венчаа во 2004 година, а заедно ги имаат синовите Шон Престон и Џејден Џејмс. По само две години, тие се разведоа, што беше проследено со горчлива битка за старателство над момчињата. Пејачката, која се бореше со ментално здравје, имаше многу проблеми после тоа и мораше да му плати на својот поранешен сопруг голема сума пари.