Кандидатот на владината коалиција ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес-конференција го претстави првиот основен столб на изборната програма, детален план за целосна модернизација на патната инфраструктура и конечното решавање на проблемот со паркирањето во општината Чаир.
Во своето обраќање, Меџити истакна дека Чаир ќе биде модерна, уредена и функционална општина, каде што секојдневниот живот на граѓаните ќе биде полесен и поквалитетен. Според него, најголемата инвестиција во историјата на Чаир ќе се реализира во областа на паркирањето, со
конкретни проекти што ќе го олеснат животот на жителите.
„Нашата визија е јасна, Чаир ќе стане модерна, уредена и функционална општина, место каде што секојдневниот живот на граѓаните е олеснет, а не отежнат. Затоа, во следните четири години, нашиот фокус ќе биде на капитални проекти што носат ред, безбедност и европски стандарди. Нема
да има импровизации, туку системски решенија. Имаме владина одлука и отворена набавка за изградба на подземна гаража на две нивоа под плоштадот „Скендербег“, со капацитет од 800 возила и површина од над 12.500 метри квадратни. Ова ќе го ослободи централното јадро, ќе овозможи нормално функционирање и ќе ја зголеми вредноста на Чаршијата,“ изјави Меџити.
Според него, ќе се изградат и катни гаражи на пет клучни локации.
Кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, најави широка офанзива за изградба и реконструкција на патишта, со цел Чаир да добие модерна и безбедна инфраструктура за пешаци, велосипедисти и возила.
Меѓу најзначајните проекти, според него, се проширувањето на улицата „Цветан Димов“ во булевар со шест ленти и велосипедски патеки, проширување на булеварот „Мит’хат Фрашери“, поврзувањето на улицата „Џон Кенеди“ со булеварот „Никола Карев“, што ќе создаде нов коридор за сообраќај, изградба на булеварите „Хрватска“ и „Црна Гора“ кои ќе го олеснат движењето од Автокоманда кон Сарај, како и изградба на кружен тек во Гази Баба, во близина на парк шумата Гази Баба, кај Природно-математичкиот факултет.
Понатаму, Меџити го претстави и планот за целосна реконструкција на улиците во неколку важни маала на општината.
„Ќе воспоставиме ред и европски стандарди. Ќе има целосно ново јавно осветлување и подземни електрични инсталации во Стариот Чаир и Топанско Поле за поголема безбедност и модерен изглед. Ќе работиме на систематизација на еднонасочните улици,“ изјави кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити.