Венко Филипче да каже дали Зоран Заев му понудил стик со прислушкувани материјали на поранешен бугарски премиер и една шема за купување на две големи фирми од кои едната телевизија, порача на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче да не молчи и да одговори што содржел стикот со прислушкувани материјали кои неговиот ментор Зоран Заев го дал на поранешен премиер на Бугарија, која сега ја злоупотребува својата положба во ЕУ и не блокира.
Венко Филипче и СДС да кажат дали и зошто Зоран Заев понудил шема за купување на две големи фирми во Македонија од страна на фирми од Бугарија блиски до тој поранешен премиер? И дали една од тие фирми е една голема телевизија, преку која требало да се врши бугарска пропаганда во Македонија“.
Дали ова, праша Петрушевски, е дарот кој Заев го дал во замена за поддршка од Бугарија за СДС сега и во иднина, логистички, финансиски и во секоја смисла.
„Дали тој поранешен премиер на Бугарија со кој Заев е во контакт стои зад кампањата на СДС?
Венко Филипче е алатка во планот на Заев. Неговата таканаречена резолуција е само продолжеток на планот на Зоран Заев за потчинување на државата во однос на Бугарија.
И Венко Филипче и Зоран Заев се фатени на дело. Се е јавно и јасно. Планот нема да им успее, народот ќе го казни на избори“.