Атлетичарка со 24 метални остатоци од куршум во телото трча на Светското првенство: Ова е нејзината потресна приказна!

Точка

18/09/2025

16:21

482

Големина на фонт

а а а

Австријката Каролина Бредлингер денес настапува во трката на 800 метри на Светското првенство во атлетика во Токио, а само нејзиното присуство на патеката е вистинска победа во животот. Бредлингер во телото сè уште носи дури 24 метални парчиња од куршум– остатоци од страшен инцидент од нејзиното детство.

На 31 октомври 2014 година, додека како тринаесетгодишна ја прославувала Ноќта на вештерките во селото Грошефлајн во австрискиот Бургенланд, непознат маж под дејство на алкохол пукал од балкон и ја погодил Бредлингер.

„Во еден момент паднав на земја од болка што никогаш претходно не сум ја почувствувала. Целата нога ме болеше бидејќи го погодил нервот. Лежев, плачев и не знаевме што се случило“, раскажува 23-годишната атлетичарка за австрискиот „Kurier“.


На болничката снимка било откриено дека куршумот се распаднал на карличната коска, а лекарите одлучиле да не ги отстрануваат металните парчиња бидејќи интервенцијата би можела да предизвика уште поголема штета.

„Често чувствувам болка, особено на долги патувања или кога долго седам. Левата нога ми е и понатаму послаба од десната“, искрено признава Бредлингер.

Сепак, предавање никогаш не било опција.


„Уште додека лежев на земја, една од првите мисли ми беше: ’Дали ќе можам да трчам?‘“ се сеќава таа.

Денес, речиси 10 години подоцна, Каролина е во животна форма и го остварила својот сон – настап на Светското првенство. Во трката на 800 метри сонува за пласман во полуфиналето, што ќе го постигне ако заврши меѓу првите три во квалификациската група.