[ФОТО] Коњак стар 113 години, мени на француски и 1500 прибори за јадење за ѕвездите од бизнисот: Одржан кралскиот банкет во чест на Трамп

Точка

18/09/2025

12:02

1.394

Големина на фонт

а а а

Државниот банкет е дипломатија на раскошна трпеза. Спектакуларен врв на државната посета, блескава златна и кристална прослава со говори, кралски здравици, фанфари и извонредни јадења.

Британското кралско семејство вложи голем напор за да го направи банкетот незаборавен за американскиот претседател Доналд Трамп.

Свеченоста се одржа во салата Сент Џорџ во замокот Виндзор, а ентериерот потсетувал на средновековните гозби и на филмовите за малиот волшебник Хари Потер.

Келнерите, облечени во беспрекорни униформи, биле дисциплинирани како војници на парада во пресрет на банкетот.


Приборот за јадење бил педантно распореден, до милиметар. Имало вкупно 1452 парчиња прибор за јадење за 160 гости. Плус пет чаши и пехар за секој гостин.

Гостите на банкетот во чест на посетата на Трамп биле почестени со јадења од мени на француски јазик: Панакота со поточарка од Хемпшир со специјален леб со пармезан и салата од јајца од препелица, органско пилешко од Норфолк во тиквички со сос од зачински билки со мајчина душица, сладолед од ванила со фил од кентски сорбет од малина и благо варени викторијански сливи...

На гостите им бил понуден раскошен избор на вина: Wiston Estate, Cuvée 2016; Domaine Bonneau de Martray, Corton-Charlemagne, Grand Cru 2018; Ridge Vineyards, Monte Bello, 2000; Pol Roger, Extra Cuvée de Reserve, 1998…

Пијалаците по вечерата имале симболично значење – бил послужен порто од 1945 година, во чест на Трамп како 45-от претседател на САД, иако тој не пие алкохол.


Имало и коњак од 1912 година – годината на раѓање на мајката на Трамп која е родена во Шкотска.

Ако тоа не ви звучи доволно, бил послужен и специјален коктел – Трансатлантско виски, мешавина на Џони Вокер со светол цитрусен мармалад, сервиран со бисквити и британски маршмелоу.

Ѕвезди од бизнисот наместо од светот на музиката и филмот

На банкетот во чест на Трамп во замокот Виндзор забележливо отсуствуваа познати личности и филмски ѕвезди.

Дали некои луѓе од Холивуд или западен Лондон одеднаш сфатија дека мора да бидат на некое друго место таа вечер?

Немало дури ни познати пријатели на кралското семејство, како поранешниот фудбалер Дејвид Бекам или музичката икона Елтон Џон.

Наместо тоа, листата на гости била полна со политички оператери и технолошки експерти.


Шефот на компанијата Епл (Apple), Тим Кук, седел до ќерката на претседателот, Тифани Трамп. Медиумскиот магнат Руперт Мердок седел до Морган Мексвини, клучен советник на британскиот премиер Кир Стармер.

Разговорот сигурно бил интересен, бидејќи Трамп ги тужи медиумите на Мердок и бара милијарди долари отштета во САД.

Како на венчавките, гостите ги проверувале плочките со имињата околу богато украсената маса за да видат до кого седат.

„Челото“ на масата е во средината за државниот банкет во Виндзор, со кралот и претседателот во центарот на трпезариската маса долга 47 метри. Трамп, како почесен гостин, бил сместен меѓу кралот Чарлс и Катерина, принцезата од Велс.

Спроти нив седела првата дама на САД, на чија плочка пишувало „госпоѓа Трамп“, а таа била меѓу кралицата Камила и принцот Вилијам.

Меѓу присутните се нашле и американскиот амбасадор Ворен Стивенс, извршниот директор на „OpenAI“ Сем Алтман, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, заменик премиерот Дејвид Лами, главниот извршен директор на „Nvidia“ Јенсен Хуанг и многу други.

На ѕидовите имало кралски портрети и оклопи, а таванот бил украсен со грбовите на Витезите на Подвеската.


Салата Сент Џорџ беше обновена по пожарот во 1992 година. Значи, можеби како и многу приказни за кралското семејство, истовремено делува и ново и старо.

Изборот на музика на банкетот одразувал некои од омилените музичари на претседателот Трамп, а можеби некои песни имаа скриени пораки, како „Nessun Dorma“, што значи „никој нема да спие“ и „You Can't Always Get What You Want“ („Не можеш секогаш да го добиеш она што го сакаш“).




Фото: BBC