Остра расправа во Уставниот суд: ДИК правилно постапила, независните можат со два потписа да учествуваат на изборите

Макфакс

17/09/2025

17:04

391

Големина на фонт

а а а

Правилникот на Државната изборна комисија кој дозволува учество на независните кандидати на изборите со само два потписа е основан и е еден од начините на кои се пополнува првана празнина, извести денес претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. По плодна и на моменти, како што рече претседателот Костадиновски, остра дискусија, уставните судии одлучија да не поведат постапка за Правилникот.

Иако право и должност на законодавецеот е да ги почитува одлуките на Уставниот суд и да ги пополнува правните празнини, и неговото непостапување е значајно и кажува многу, објасни претседателот Костадиновски. Во услови кога законодавецот не ја пополнил празнината, ДИК, како институција е обврзана да ги почитува одлуките на Уставниот суд, а со новиот Правилник го направила токму тоа.


Правниот вакуум се појави откога во мај годинава Уставниот суд го укина правилото независните да соберат најмалку 1 % потписи од запишаните избирачи, роковите за локалните избори се приближија, а Собранието не усвои нови правила. Минатиот месец ДИК донесе нов Правилник во кој предвиде досега најлиберален начин за независна кандидатура, со само два потребни потписа, а Здружението „Светски македонски конгрес“ го оспори. Здружението во иницијативата до Уставниот суд наведе дека ДИК со носењето на Правилникот постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала правила за учество на независните кандидати иако изборните рокови беа во тек.