Претставникот на „Влен“, Арбер Кадриу, презентираше договор за изнајмување возила за потребите на Министерството за надворешни работи (МНР) за време на организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ во декември 2023 година, нарекувајќи го „доказ за коруптивниот начин на кој работел тогашниот министер Бујар Османи“.
Кадриу истакна дека договорот е склучен на износ од 56.640.000 денари за само два дена настан, без механизми за контрола и потврда на бројот на ангажирани возила.
„Во него јасно се гледаат астрономските цени што државата ги плаќала: VIP автомобил 29.000 денари на ден, возило од средна класа 23.000 денари, а миниван 19.200 денари на ден, без ДДВ,“ рече Кадриу, посочувајќи дека само еден месец претходно истата компанија склучила договор со МНР за редовни потреби по цена од 9.500 денари за ист тип возило.
„Тоа значи дека државата платила три пати поскапо за исти возила, од истата компанија, во исто време,“ додаде тој.
Од ВЛЕН обвинуваат дека во договорот „нема записник или доказ колку возила биле користени, нема внатрешна контрола, ниту службена потврда на реализацијата“.
„Ова е класичен модел на излевање на јавни пари во приватни џебови. Ова е начинот како работел Бујар Османи како министер за надворешни работи,“ истакна Кадриу, додавајќи дека ваквите тврдења се нотирани и од Државниот завод за ревизија.
ВЛЕН бара отворање кривична истрага за сите лица вклучени во овој договор, како и активирање на Државниот завод за ревизија за целосна проверка на набавките во МНР за време на мандатот на Османи.
„Бујар Османи е должник пред граѓаните. Овој договор го потпишал во свој мандат и со свој потпис ја одобрил астрономската цена. Не може да се крие зад службеници и процедури,“ рече Кадриу, повикувајќи медиуми, граѓански организации и јавноста да го погледнат договорот.