Министерството за здравство воведе нов електронски модул за транспарентен преглед на донациите во здравството, со кој јавноста ќе може во секое време да има увид во видот, вредноста и донаторите на пристигнатата помош.
Модулот е достапен на веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детални информации за секоја донација примена од Министерството или јавните здравствени установи.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека досега се евидентирани над 400 донации, а бројката постојано расте.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем“, изјави Алиу.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од донациите, дури 85%, се однесуваат на медицински материјали, меѓу кои лекови, вакцини, апарати и други средства за јавните здравствени установи.
Алиу додаде дека со новиот систем ќе се избегнат ситуации кога во земјата стигнува опрема со различни оперативни системи или апаратура без достапни резервни делови и сервис.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, порача министерот.