[ВИДЕО] Петмина загинати во ужасна несреќа во САД, се преврте автобус полн со патници

Макфакс

23/08/2025

09:38

569

Големина на фонт

а а а

Пет лица загинаа кога туристички автобус со повеќе од 50 патници се преврте на автопат во западен Њујорк, соопшти полицијата.

Автобусот, кој се враќал од Нијагарините водопади, се преврте на автопат во близина на Пембрук, околу 48 километри североисточно од Бафало и 64 километри југоисточно од Нијагарините водопади, објави „CBS News“.

Според полициското соопштение, возилото ја изгубило контролата од непознати причини и завршило во канал.

Во несреќата немало други возила вклучени. Меѓу загинатите немало деца.

Во автобусот имало вкупно 54 лица, вклучувајќи двајца вработени во автобуската компанија „M&Y Tour Inc“.

Причината за несреќата сè уште е под истрага, додека механички дефект и грешка на возачот се исклучени, според „CBS“.

Возачот на автобусот соработувал со властите и против него не се поднесени кривични пријави.

Медицинскиот центар на округот Ери примил 24 пациенти, вклучувајќи четворица во сериозна состојба, додека двајца пациенти биле префрлени со хеликоптер во други болници.

Шест лица се лекуваат во Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер, од кои двајца се тешко повредени.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, изрази сочувство за несреќата и најави координација со локалните власти за операциите за помош и спасување.