„YouTube“ користи ''AI'' за да ја процени вашата возраст

Точка

13/08/2025

19:01

324

Големина на фонт

а а а

Голема промена започнува за „YouTube“ – платформата неодамна ја објави својата намера да започне со проценка на возраста на гледачите користејќи вештачка интелигенција, а сега тоа е веќе во функција.

Во моментов, само во САД, „AI-базирана верификација на возраст“ е дел од платформата. Според наводите на компанијата, оваа промена е дел од постојаните напори да се создаде побезбедна средина прилагодена на возраста за младите корисници. Сепак, ваквиот потег предизвика и контроверзии, како и критики од многумина.

Најавен пред еден месец, новиот систем за верификација на возраст базиран на ''AI'' користи различни фактори – од вашите навики на гледање до должината на историјата на вашиот профил – за да утврди дали веројатно сте помлади од 18 години. Доколку функцијата го означи вашиот профил како профил на малолетник, нема само да ви блокира пристап до одредени видеа, туку автоматски ќе примени и сет заштитни мерки за тинејџери.


Мерките вклучуваат:

• Потсетници „направете пауза“ и потсетници за спиење за промовирање на дигиталната благосостојба.

• Прикажување само неперсонализирани реклами.

• Потсетници за приватност при поставување видеа или оставање коментари.

• Намалување на препораките за содржина што би можела да биде проблематична ако се гледа често.

За возрасните корисници кои ќе бидат погрешно означени, „YouTube“ нуди начин да ја оспорат процената на ВИ. Возраста може да се потврди со поднесување личен документ, селфи или платежна картичка.


Систем со ризици

Новиот систем, секако, не е без критики. Многу корисници изразија загриженост за точноста на ''AI''– постои страв дека некој може да биде погрешно идентификуван како тинејџер само поради тоа што гледа одредени популарни жанрови, како што се аниме или видео-игри.

Постојат и значајни грижи за приватноста, при што дел од корисниците се чувствуваат непријатно поради потребата да испраќаат лични документи на голема технолошка компанија.

Од „YouTube“ велат дека нивниот модел зема предвид широк спектар сигнали и не издвојува специфични типови содржина, а нагласуваат и дека доставувањето личен документ е опционално.

Доколку корисникот одбере да не го стори тоа, неговиот профил едноставно ќе ги задржи стандардните заштитни мерки за тинејџери, кои овозможуваат пристап до поголемиот дел од содржината на платформата – но ова веројатно нема да ги смири оние што сакаат да гледаат видеа во мир, без ризик од ненадејни ограничувања.