„Waldog“ има благородна, но и многу практична мисија.
„Waldog“ – роботско куче кое користи технологија на вештачка интелигенција – шета, трча, разговара и се игра по улиците на северномексиканскиот град Монтереј, со цел да ја подигне свеста за злоупотребата на животните и нивните права.
Отприлика голем колку бигл, „Waldog“ започнува разговори со деца и возрасни за правата на животните.
„Здраво, јас сум "Waldog" и сум тука за да им дадам глас на оние што го немаат – животните кои живеат на улиците,“ им кажа тој на група насмеани граѓани во сиромашната населба Санта Катарина на 8 август.
„Waldog“ им објасни дека неговата задача е „да ја подигне свеста“ за односот кон животните.
Федералниот сенатор Валдо Фернандез од Монтереј изјави за „Reuters“ дека со сопствени средства платил 4.084 долари за „Waldog“ и го именувал по себе. Роботското куче секогаш мора да биде придружувано од возрасно лице и се управува далечински.
Фернандез, кој за себе вели дека е активист за заштита на животните, нагласи дека целта е „Waldog“ да поттикне добрина и одговорно однесување – не само кон животните, туку и кон луѓето.
Но „Waldog“ ќе има и практична улога – најави Фернандез во објава на „Instagram“ – објаснувајќи дека роботското куче ќе бележи отпад на улиците, дупки на патиштата и ќе регистрира улични кучиња.
Засега, „Waldog“ има преполн распоред: ќе посетува училишта, плоштади и маала низ Монтереј, а во меѓувреме ќе позира и за фотографии со минувачите.