Велигденскиот Остров, сместен 3.200 километри од брегот на Чиле, долго време се сметаше за речиси целосно отсечен од остатокот на светот.
Првите жители се доселиле помеѓу 1150 и 1280 година, а островот е најпознат по камените статуи со нагласени глави, наречени "Моаи".
Неочекувано откритие
Кога научната заедница беше уверена дека островот со површина од 163,8 квадратни километри нема повеќе да понуди изненадувања, се случи нешто неочекувано.
За време на истражување на исушеното корито на некогашното езеро Рано Рараку, археолозите пронајдоа досега непозната статуа, закопана во калта и обрасната со густа трска.
Откритието е направено на место кое се смета за срцето на изработката на Моаи фигурите – каменоломот каде што биле изрезбани или оставени стотици статуи во различни фази на изработка, пренесува "Daily Mail".
Она што особено ги изненадило научниците е фактот дека досега никогаш не била пронајдена статуа во самото корито на езерото.
Откритието е значајно за локалната заедница
„Мислевме дека знаеме сè за Моаи фигурите, а потоа се појави нова, и тоа на место каде што никој не ја очекуваше. Ова е првпат да пронајдеме нешто вакво во езерото“, изјави професорот по археологија Тери Хант од Универзитетот во Аризона.
Откритието има особено значење за локалното население – потомците на народот Рапа Нуи, кои островот го сметаат за свето место.
„За нас ова е од исклучителна важност. Статуата била целосно скриена, дури ни нашите предци не знаеле за неа“, вели Салвадор Атан Хито, заменик-претседател на локалната организација.
Велигденскиот Остров ја крие својата тајна
Фигурата е помала во споредба со познатите Моаи статуи на островот. Сепак, деталите откриваат дека била во завршна фаза на изработка – очите се врежани, што традиционално е последниот чекор пред поставување на трајна локација. Долниот дел е рамен, што укажува дека била подготвена за транспорт, можеби дури и за поставување на светилиште.
Истражувачите сметаат дека во сувото корито на езерото можеби се кријат уште статуи. Сувите услови овозможиле подлабоки испитувања на теренот, а научниците планираат да користат георадар за да откријат евентуални закопани објекти.
„Ако има една Моаи фигура во езерото, голема е веројатноста да има уште“, додава Хант.
Нови сознанија за минатото
Велигденскиот Остров долго време се сметаше за изолирано место кое се развивало без надворешни влијанија. Но, новите истражувања го доведуваат тоа во прашање.
Сега научниците веруваат дека островот бил населен во повеќе бранови од доселеници, кои храбро пловеле низ Пацификот од запад кон исток.