Ибица со години е едно од најпознатите европски летувалишта. Сепак, со зголемената популарност расте и притисок врз инфраструктурата и животната средина.
За да се справат со проблемите на масовниот туризам, локалните власти вовеле строги правила за влез и паркирање на возила.
Како што пишува порталот „Watson“, туристка влегла на Ибица со кампер без претходна регистрација и паркирала во заштитено подрачје, прекршувајќи неколку прописи. Таа го прекршила ограничувањето за влез на возила, како и правилата за просторно планирање и заштита на животната средина.
Потпретседателот на островот, Маријано Хуан, се огласи на Икс во врска со случајот:
„Поглед на зајдисонце додека се кршат правилата за просторно планирање, тоа ќе ја чини скапо“.
Казната што ѝ била изречена на туристката изнесува 40.000 евра.
Строги правила на Ибица и Форментера
Од јуни до септември, Ибица има дневен лимит од 20.168 возила што можат да влезат на островот. Возачите кои сакаат да преминат со фериботот мора однапред да се регистрираат онлајн и да платат такса од едно евро дневно. Кога станува збор за камперите, барањата се уште построги.
Потребно е да имаат потврда за резервација на еден од петте легални кампови. Без ова, влезот е нелегален, а непрописното паркирање може да се казни со казна до 30.000 евра, додека во екстремни случаи казната може да достигне и 40.000 евра.
Слични правила важат и за соседниот остров Форментера, каде што во летната сезона влезот на возила е исто така дозволен само со посебна дозвола. Таксата за автомобили е 6 евра на ден, а за мотоцикли 3 евра на ден. Хибридните возила имаат попуст од 50 отсто, додека електричните возила се ослободени од плаќање. Важно е да се спомене дека квадрови, камп-приколки и кампери се целосно забранети во текот на летната сезона.