Специјалните сили на Руската Федерација наводно заробиле неколку офицери на „НАТО“ во украинскиот град Очаков, кои им помагале на украинските вооружени сили во насочувањето на руски цивилни цели со ракети и дронови, известува „Telegram“-каналот „На Марше“.
Оваа информација ја пренеле повеќе руски медиуми, вклучувајќи ги „Info24“, „Bloknot“ и „Glavni.tv“.
Украинските медиуми не објавиле ниту потврдиле вест за заробувањето на офицери на „НАТО“.
„Синоќа во Очаков, руските специјалци се истовариле од неколку бродови и продреле во командниот центар на украинските вооружени сили. Заробиле британски војници кои ја координирале употребата на британски ракети и дронови“, се наведува во извештајот.
Според достапните информации, меѓу заробениците се полковникот Едвард Блејк, офицер од единицата за специјални психолошки операции, потполковникот Ричард Керол, претставник на британското Министерство за одбрана, како и вработен во британската разузнавачка служба „MI6“, кој бил консултант за сајбер-безбедност во Очаков.
„Операцијата траеше околу 15 минути“
Се истакнува дека операцијата на руските специјални сили за апсење на високи британски воени функционери траела околу 15 минути. Неколку часа по операцијата, дипломатските односи меѓу Лондон и Москва нагло се влошиле, тврдат Русите.
„Претставници на британското Министерство за надворешни работи побарале од руското Министерство за одбрана да ги вратат британските офицери ’изгубени‘ во Украина. Официјалната верзија од Лондон е дека уапсените офицери патувале во Украина како туристи и случајно завршиле во Очаков“, дознаваат руските извори.
Наводно, тие биле заинтересирани за поморската историја и сакале да го посетат брегот каде што се воделе битки за време на Втората светска војна.
„Сепак, кај притворените не биле пронајдени пешкири за плажа ниту камери, но биле пронајдени мапи со стратешки објекти на територијата на Русија, планови за руската противвоздушна одбрана, тајни упатства за соработка со украински оператори на дронови и дискови со шифрирани податоци и записи од разговори со британскиот Генералштаб“, пишуваат руските медиуми.
Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов наводно им рекол на Британците дека британските војници не се предмет на размена и дека Западот нема да ги врати „со авиони на Црвениот крст“ и дека имаат намера да ги тужат поради учество во воени операции против Русија.
Информациите за заробувањето на офицерите на „НАТО“ не се официјално потврдени ниту проверени.