Саул Нигез режираше изненадувачки трансфер и се пресели во редовите на Фламенго, клуб кој му донесе доволно голем предизивк да ја напушти Европа, иако имаше неколку важни понуди да остане на стариот континент.
Искусниот играч за врска за првпат ќе игра далеку од Европа и ќе искуси нешто поинакво во земјата на фудбалот, а интересно во целата ситуација е што на прво место го стави проектот, а не парите кои му беа понудени.
Трабзонспор му нудеше далеку подобар договор и се чинеше дека има се договорено со Турците, но Саул во последен момент го стопираше трансферот и се пресели во Фламенго, тим кој го води неговиот поранешен соиграч од Атлетико, Филипе Луис.
Саул наредниот период ќе го гледаме во Бразил, а за разлика од него, Жоао Феликс се реши да следи друг пример, па наместо на спортскиот проект, предност им даде на парите и на 25 години се пресели во Саудиска Арабија.
Ова го натера Саул да даде една искрена изјава за големиот португалски талент, кој шест години по фамозниот трансфер во Атлетико, едноставно никаде не успеа да си пронајде свое место како вистинска ѕвезда.
– Фудбалот е спорт во кој се игра за тимот, фудбалот е тимски спорт. Жоао ги има сите квалитети за да биде неверојатен играч, но колку и да си добар, ако не работиш, не вреди ништо!, – брутално вели Саул.
– Имам слушнато една добра изјава од тренерот Пако Хемез. Вели дека талентот без работа е ништо, и навистина е така. Многумина се обидовме да му помогнеме на Жоао, но кога еден не сака да слуша, не може ништо да направите, – завршува Саул.