Сиљановска-Давкова со Советот на амбасадори: потенцирана важноста од именување на кариерни амбасадори

Макфакс

30/07/2025

17:04

203

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Советот на амбасадори, предводени од претседателката, амбасадорката Александра Наќева Ружин. На средбата присуствуваа и амбасадорите: Мухамед Халили, Љупчо Арсовски, Иљаз Сабриу, Тихомир Илиевски и Ивица Боцевски.

Тие изразија подготвеност за соработка и поддршка на институцијата претседател, преку утврдувањето на надворешно-политичките приоритети, независни и стручни анализи, јавни дебати, совети и консултации за меѓународните прашања.

Беа детектирани потенцијалните области за меѓусебна соработка и понудени идеи, предлози и иницијативи, коишто би придонеле за зајакнување на надворешно-политичките капацитети на државата.

Со цел унапредување на македонската дипломатија, соговорниците ја потенцираа важноста од именување на кариерни амбасадори како прв избор, истакнувајќи го значењето на нивното искуство за соодветно и достоинствено претставување на земјава во светот.

Претседателката ги поздрави амбициите на амбасадорите за поттикнување на професионален дијалог за прашања од национален интерес и изрази подготвеност за натамошна комуникација. Укажувајќи дека првата слика за државата е најбитна, Сиљановска-Давкова посочи дека искуството и потенцијалот што го имаат членовите на Советот може да претставува драгоцена помош во носењето на одредени одлуки.

На средбата таа ги реафирмираше заложбите за правична застапеност на жените во дипломатијата и придобивките од формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност.

Соговорниците разменија мислења за македонската надворешна политика, односите со соседите, за Преспанскиот договор и членството на државата во меѓународните организации.