Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме Народен правобранител и претседател на ДКСК

Макфакс

31/07/2025

13:21

203

Големина на фонт

а а а

Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов Народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на Народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.

„Што се однесува до Народниот правобранител имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за таа позиција. Денеска требаше да заседава Комисијата за избори именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност околу тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за Народен правобранител. Што се однесува до ДКСК законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или пак Народен правобранител“, вели Гаши.

Земјава остана без Народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го испочитува Законот за народен правобранител кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.

Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.