Кина сè појасно го презема водството над Соединетите Американски Држави во глобалната трка за економска, технолошка и стратешка доминација, предупредува поранешниот амбасадор на САД во „НАТО“, виш соработник на „Belfer Center“ при „Harvard“, Иво Далдер, во колумна за „Politico“.
Според неговите зборови, додека Пекинг остварува напредок во речиси сите клучни сектори, администрацијата на претседателот Доналд Трамп со своите потези сè повеќе ја поткопува американската конкурентност и позиција во светот.
„Ова не е заклучок што многумина би го извлекле пред шест месеци, но сега е неизбежен. Она што денес се промени е тоа што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, од преземањето на должноста, презеде низа чекори што директно му одат во прилог на нејзиниот противник, слабеејќи ја сопствената способност да ја надмине конкуренцијата. Наскоро ќе дојдеме до точка кога овој тренд ќе стане неповратен“, се наведува во текстот.
Со децении, Кина ја следеше изреката на Денг Сјаопинг: „Скриј ја својата сила и трпеливо чекај го вистинскиот момент“. За жал, повеќето западни земји, предводени од САД, го игнорираа вториот дел од ова предупредување — дека Кина трпеливо чека — и наместо тоа се фокусираа на Кина како огромен нов пазар за западните производи, услуги и капитал.
Сите можеа да се збогатат од богатството на Кина, или барем така изгледаше. Ваквиот став совршено им одговараше на Денг и неговите наследници. Сепак, нивната цел не беше богатство заради богатство, туку стекнување на потребната моќ за да се натпреваруваат и да ја победат единствената преостаната светска суперсила.
Кога Си Џинпинг дојде на власт во 2013 година, Кина веќе немаше потреба да чека и почна да ја покажува својата сила.
Во последните десет години, Кина го зголеми воениот буџет за 800 проценти – што претставува најголемо воено зајакнување во мирнодопската историја. Денес има повеќе воени бродови од САД, го модернизира својот нуклеарен арсенал со цел да постигне паритет со Русија и САД до крајот на деценијата и покажува воена сила во области што долго време беа под исклучиво влијание на САД.
Сепак, иако нејзиниот воен подем е импресивен, многу позагрижувачки се економските, научните и технолошките напредоци на Кина.
Денес, 70 проценти од земјите во светот тргуваат повеќе со Кина отколку со САД. Самиот Трамп рече дека Америка можеби е голем трговски центар, но производите што ги купувате во нејзините продавници – и низ целиот свет – се произведуваат во Кина.
Трговијата не е единствениот пазар што Кина го презеде. Следејќи јасна и доследна стратегија што Си ја најави уште во 2015 година, Кина денес го предводи светот во електрични возила и батерии, роботика, квантни комуникации, обновливи технологии и многу повеќе. Според една студија, додека пред 20 години САД предничеа пред Кина во 60 од 64 клучни технологии во одбраната, енергетиката, компјутерските науки, биотехнологијата и другите сектори, Кина сега предничи во 57 од нив.
Оваа решителност да победи е особено видлива во областа за која многу се зборуваше последниве месеци: ретките метали и магнети, кои се клучни за одбраната, електрониката и производството на зелена технологија.
Моментално, Кина поседува речиси 50 проценти од светските резерви на ретки метали, контролира 70 проценти од рудниците за ретки метали и 90 проценти од глобалните капацитети за преработка на овие материјали. Исто така, контролира над 90 проценти од производството на клучни магнети и успешно го искористи тој речиси монополски статус за да ја принуди администрацијата на Трамп да попушти во трговската војна и ограничувањата за извоз на чипови.
Дури и во областите каде САД сè уште имаат предност – како вештачката интелигенција („AI“) и квантното пресметување – Кина ги стигнува. Објавувањето на „DeepSeek“, на пример, ја шокираше „AI“ заедницата со својата брзина и софистицираност, речиси достигнувајќи ги многу поскапите модели развиени од американски технолошки компании. Според зборовите на висок функционер од „Microsoft“, следната генерација на „DeepSeek“ би можела дури да ги надмине најнапредните модели на компании како „OpenAI“.
Сето ова укажува дека Кина не само што ги стигнува САД, туку во многу аспекти и ги надминува.
Америка сè уште има многу предности во оваа трка — благодарение на кои успеа да остане напред, дури и додека Кина започна со својата долгорочна стратегија за натпревар. Сепак, во последните шест месеци, администрацијата на Трамп систематски почна да ги разградува многу од тие предности.
Земете ги, на пример, сојузништвата: најголемата предност на САД е тоа што има сојузници, додека Кина има клиенти. Колективно, САД и нивните сојузници можат да ја надминат Кина во иновациите, трговијата, финансиите и привлекувањето партнери. Но, сојузниците на Вашингтон во Северна Америка, Европа и Азија сè повеќе, и со право, стравуваат дека политиката „America First“ всушност ги става на последно место. Им беше кажано да се бранат сами, да плаќаат царини од 15 проценти или повеќе, а на Канада и Данска дури им беше предложено да отстапат територии. Како резултат на тоа, тие се свртуваат еден кон друг и ги намалуваат воените, економските и политичките врски со Вашингтон.
И тоа не е сè. Администрацијата на Трамп води и политика за финансирање на универзитетите и имиграцијата што директно ја поткопува способноста на САД да се натпреварува со Кина. Осумдесет години, федералните средства за истражување финансираа научни и технолошки пробиви како интернетот, секвенционирањето на ДНК, вселенските мисии, вакцините, лековите за рак и многу повеќе. Американските истражувачки универзитети ги предводеа овие иновации, привлекувајќи таленти од целиот свет за да придонесат во тој иновациски екосистем.
Но, Трамп сега го намали федералното финансирање за основни истражувања за една третина, ги блокираше истражувачките грантови за водечките универзитети од чисто идеолошки причини и ги заостри имиграциските правила за странските студенти и истражувачи. Една анкета сугерира дека 75 проценти од научниците во САД денес планираат да ја напуштат земјата и да работат на друго место.
Тешко е да се прецени штетата што овие политики ја нанесуваат на конкурентноста на САД. Само еден пример: многу од најблиските сојузници на САД сега нудат големи грантови и истражувачки можности за да ги привлечат најдобрите стручњаци, кои досега беа основа на американскиот успех како глобална иновациска сила.
Ова не е само пукање во нога — ова е пукање во глава. И ако Вашингтон брзо не ја поправи ситуацијата, наскоро ќе сфати дека не само Пекинг, туку и остатокот од светот го престигнува.