Глумицата и водителка, Дру Баримор, неколку пати била мета на критики поради начинот на кој се однесува со гостите во нејзината емисија The Drew Barrymore Show. На социјалните мрежи често се коментира како непримерено ги држи познатите личности за рака или седи премногу блиску до нив.
Сега, гостинка ѝ беше славната глумица Кејт Бланшет, а Дру повторно со својот потег предизвика поделени реакции кај гледачите.
Бланшет зборуваше за својата љубов кон периките кои често ги носи во филмовите. Во еден момент стави кафена перика, а кога ја тргна, неколку прамени од нејзината вистинска коса останаа разџвакани. Дру веднаш реагираше – стана, нежно ѝ ја намести косата и со насмевка рече:
„Само сакам сè да биде совршено. Заслужуваш да изгледаш прекрасно.“
Кејт се пошегува и одговори: „О, фала ти, Дру ме погали.“
Тој момент може да се погледне во видеото на четвртата минута.
Оваа сцена не остави многумина рамнодушни.
„Сакам некој да ме гледа како што Дру ја гледа Кејт“,
„Само јас ли чувствувам некоја хемија овде?“,
„Како да влетав среде љубовна сцена“, се редеа коментари на интернет.
Но, имаше и такви што коментираа дека водителката повторно не ги почитува границите на гостите и дека претерува со физичкиот контакт.
„Ова не е соодветно“, напиша некој.
Да потсетиме, Дру еднаш откри зошто е толку блиска со своите гости: „Знаете ли колку ми беше тешко за време на пандемијата? Бев сама во студиото. Ги сакам луѓето“, рече таа, и додаде: „Ќе се обидам да практикувам физичка дистанца, иако тоа не ми е јаката страна.“
Кон крајот на 2023 година наиде на жестоки критики кога во емисијата ѝ гостуваше Опра Винфри. Во снимка споделена на социјалните мрежи, Дру цело време ја држеше Опра за рака. Во еден момент, Опра се придвижуваше на каучот додека зборуваше и изгледаше како да сака да ја тргне раката, но Дру ја држеше цврсто. Дополнително, со другата рака ја милуваше по раката.
Под видеото, но и на Интернет воопшто, се собраа многу коментари – многумина напишаа дека тој момент од емисијата бил прилично непријатен.