Пред 50 години потпишан договорот што ја создаде една од најголемите компании на светот

Точка

25/07/2025

21:08

1.651

Големина на фонт

а а а

Оваа недела се одбележуваат 50 години откако Гејтс и Ален го потпишале првиот комерцијален договор за софтвер што го напишале сами – „BASIC“ интерпретер за „Altair 8800“. Во тоа време, „Microsoft“ сè уште не постоел под тоа име, а двајцата млади ентузијасти само се обидувале да го најдат своето место во новоформираната индустрија за микрокомпјутери.

Фирмата со која склучиле договор се викала „MITS“ (Micro Instrumentation and Telemetry Systems), а нејзиниот основач Ед Робертс веќе привлече внимание со насловната страница во јануарското издание на списанието „Popular Electronics“. „Altair 8800“ беше далеку попристапен од тогашните компјутери како „IBM 5100“ и претставуваше огромен чекор напред за домашните ентузијасти.

Со додавање на мемориска плоча од 4 KB, која во тоа време чинела 264 долари, „Altair“ можел да го подигне токму она што Гејтс и Ален го испорачале: „Microsoft 4K BASIC“, првиот софтверски производ во историјата на „Microsoft“.


Како „BASIC“ од подрум стигна на секое биро

За разлика од елитните компјутери произведени за инженери и научни центри, „Altair“ беше модуларен и отворен. Неговата архитектура, заснована на чипот „Intel 8080“ и раната магистрала „S100“, стана темел на целата ера на персонални компјутери. Благодарение на овој хардвер и софтверот што го осмислија Гејтс и Ален, „Altair“ стана функционална платформа за првиот вистински персонален компјутер.

„BASIC“ интерпретерот што го напишале – заедно со Монте Дејвидоф – им овозможи на корисниците за прв пат вистински да комуницираат со својот компјутер. Тоа не беше само алатка, туку чекор кон визијата што Гејтс подоцна ја дефинираше како „компјутер на секое биро и во секој дом“.


Оваа филозофија го одведе „Microsoft“ кон доминација во индустријата и ги постави основите за експлозијата на пазарот на персонални компјутери во 1980-тите. До крајот на деценијата, процесорите на „Intel“ од семејството „8086“ станаа стандард, додека пристапните модели „386SX“ овозможија ширење на оперативните системи како „Linux“ и „FreeBSD“.

Иако името „Microsoft“ во моментот на потпишувањето на договорот сè уште не постоело, тој договор од 22 јули 1975 година ги дефинираше кариерите на Гејтс и Ален и го обликуваше развојот на индустријата за персонални компјутери. Тој ги отвори вратите за сè она што денес го земаме здраво за готово – од компјутерите со „Windows“ до софтверската инфраструктура што го придвижува светот.