Замислете половина година да живеете на крузер, да патувате низ светот, да не готвите, да не перете алишта и да не плаќате сметки. Токму така изгледа животот на Кристин Кестело (44), која со сопругот плови по светските мориња и живее она што многумина го нарекуваат „постојан годишен одмор“.
Кристин живее на брод со сопругот, главен машински инженер, а се запознале додека таа работела како директорка на забавната програма на бродовите на компанијата „Holland America Line“. Поради пандемијата ја загубила работата, но ѝ се отвориле нови врати – се посветила на „TikTok“, собрала речиси три милиони следбеници под корисничкото име @dutchworld_americangirl и започнала сопствен туристички бизнис.
„Кој не би сакал да живее вака?“
Денес барем шест месеци годишно живее на крузер, а остатокот од годината го минува на копно, балансирајќи меѓу работата, социјалните мрежи и животот на море.
„На брод ми е како на непрекинат одмор. Бев во 109 земји, не плаќам гориво, не готвам, не чистам соба, не перам алишта. Кој не би сакал тоа?“, изјавила Кристин за „Unilad“.
Открила и дека никогаш не ѝ е здодевно. „Имам милиони луѓе на социјалните мрежи, постојано запознавам некого, а кога ми треба мир – се затворам во мојата мала кабина и ги полнам батериите.“
Една работа ѝ се гади
Но, колку и да ужива во животот на брод, една работа ѝ се гади. „Не можам да поднесам кога луѓето по вежбање во теретана одат директно на шведска маса без да ги измијат рацете. Тоа ми е баш гадно.“
Вели и дека луѓето често имаат погрешна претстава за крстарењата. „Мислат дека сите крузери се огромни и преполни со луѓе. Но бродот на кој живееме прима само 1400 гости – тоа не е никаков град на вода.“
Додава и дека многу митови за крузерите се сосема погрешни. „Да, водата е за пиење. И не, не можете така лесно да паднете од брод, освен ако не правите глупости. Крстарењето е безбедно.“
Наскоро патуваат на Антарктикот
Кристин и нејзиниот сопруг веќе имаат планови за следните неколку години. Ги очекуваат долги патувања низ Грција, Норвешка, Канада, Австралија, Хаваи и островите Вануату, а наскоро одат и на 91-дневно патување до Антарктикот.
Кога нејзиниот сопруг ќе замине во пензија, можеби ќе се вратат на животот на копно. А тогаш Кристин конечно би можела да ја оствари една голема желба – да земе мачка. „Ги сакам животните. И мојот сопруг ги сака. Гледаме смешни видеа со животни кога имаме време. Засега моите пријатели се рибите, делфините и галебите.“
Освен миленик, ѝ недостигаат и уште неколку нешта од животот на копно – возење автомобил, брз интернет, семејството и, како што вели, ладна Coca-Cola без шеќер.