Скандалот што го потресува француското скијање добива нови размери. Помалку од три недели откако седум жени го обвинија поранешниот олимписки вицешампион во велеслалом, Жоел Шенал, за сексуално вознемирување, во францускиот дневен весник „Le Monde“ се јавија уште пет наводни жртви. Сите биле малолетни во времето на наводните настани.
Според пишувањата на француските медиуми, вознемирувањето наводно се одвивало помеѓу 2005 и 2021 година, секогаш по ист образец. Шенал им нудел тренерски услуги на девојчињата, за потоа разговорите да ги насочува кон теми и пораки со сексуална природа. Меѓу новите жени што се јавиле, две тврдат дека почнал да ги вознемирува кога имале само 11 години.
„Тоа беше празнина во сеќавањето“
Една од жените раскажала дека таа и нејзината најдобра пријателка, двете тогаш малолетни, биле „фатени во замка и вознемирувани“ во 2015 година. „По вечерта помината со него, имавме празнина во сеќавањето“, изјавила таа. Таа планира да поднесе кривична пријава, додека нејзината пријателка веќе го сторила тоа на 21 јули.
На обвинувањата реагираше и Адриен Дувијар, поранешен член на француската скијачка репрезентација, чија ќерка наводно добила експлицитни фотографии од Шенал во 2016 година, кога била малолетна. „Кружеа гласини, но ова … Па станува збор за девојчиња! Години наназад го правел ова сериски и неказнето. Тоа е неодбранливо“, изјави тој за „Le Monde“, додавајќи дека жртвите мора да знаат дека имаат поддршка.
Жоел Шенал, кого го контактирале новинарите, не сакал да ги коментира новите обвинувања. Тој сè уште работи како тренер во сопственото скијачко училиште што го основал во 2022 година во „La Rosière“, каде што слаломската патека го носи неговото име.