[ВИДЕО] Мицкоски за извештајот во ЕП: Ова е уште една неправда врз Македонија – не се работи за Бугарите во Уставот, туку за идентитетот и јазикот

Макфакс

09/07/2025

16:35

1.660

Големина на фонт

а а а

Ова е уште една неправда врз Македонија – не се работи за Бугарите во Уставот, туку за идентитетот и јазикот, а Бугарија е разголена пред Европа, рече премиерот Христијан Мицкоски откако Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија, а во кој не се споменува македонски јазик и идентитет.

„Денешниот ден не е ништо поразличен од оние претходно, од неуспешното, но исклучително важно како идентитска одредница Илинденско востание, од пркосот и трагите на идејата на Солунските атентатори, од маршевите на партизаните, од нивните упатувања на сремскиот фронт наместо да ги бранат своите огништа, овој ден е ист како и многу други. По својата суштина. Сетете се само на низата неправди во современа Mакедонија, по референдумот, промената на знамето, референцата ФИРОМ, блокирањето кон НАТО, промената на името, насилничките упади, преврати, конфликти, болната транзиција, позитивните извештаи за напредокот на земјава кон ЕУ кои остануваа да зјаат во амбисот на безизлезноста и немаа никакво значење ниту епилог, овој ден е ист таков“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека денешниот ден ќе биде своја автентична одредница сама по себе си, на еден нов пркос, на една генерација која свесна за проблемите со неправдите на својот народ, ги идентификуваше, ги именуваше, и ги соголи и одлучи да се бори со нив пожестоко и силно.

Мицкоски вели дека Македонија е блокирана во европскиот пат од Бугарија и дека таа блокада ниту почнала денеска, ниту ќе заврши денеска.

„Но за да ја разбереме таа блокада, мора најпрво да сфатиме дека таа блокада не почна денес, ниту ќе заврши денес. Таа блокада е почната уште во 1990та година кога бугарската држава, во моменти на ембарга, беспарица, страшни војни во поранешна Jугославија, како и проблематизирање на нашата држава од страна на Грција, се случи еден гест од Бугарија, признавање на посебноста на нашата држава, но со една ограда дека не се признава јазикот и народот. Јазикот е основа на нацијата во сите теории и оттука Бугарија ја призна државата, но не го призна постоењето на нашата нација“, рече Мицкоски.

Нашите политичари и лидери, додаде тој, уште тогаш требаше да видат дека нашиот источен сосед има сосема поинаква агенда.

„Скептиците ќе речат кому му е гајле што се разголени Бугарите кога успеаја во намерите, а европските политичари пред да го направат оној предлог биле свесни за тоа, за задните намери на Бугарија. Точно е тоа. Ние тоа го знаевме. Но, јас ќе одговорам, конечно и не треба никому да му биде гајле, туку треба нам да ни е грижа да види светот, да видат народите од светот, со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21виот век, и да оставиме трага за вистината зад една битка на една генерација. Ова е нашиот крушевски манифест со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални, основни човекови права и вредности. И ние сме на вистинската страна од историјата. А Бугарија видовме низ историјата дека знае и да ја утне вистинската страна“, рече Мицкоски.

Исто така, додаде тој, со жалење можам да кажам дека на површина излегоа и сите оние кои свесен сум дека се потеа додека измислуваа при наши средби изговори за наводни реформи кои треба да се донесат, и за наводно бугарско малцинство кое треба да влезе во уставот, за техникалии бегајќи од суштината.

„Сите тие се и беа свесни за вистината. Сепак тоа се политичари од врвен калибар, за разлика од Бујар, Артан, Ковачевски, Маричиќ, Венко и сите останати. И тие совршено знаеја што е позадината на овие барања, а поврзани со последниот предлог и со нашата интеграција во ЕУ. Да исполниме услови кои ги нема за никого. Сите знаеја, но сега само ги соочивме со нив на еден наједноставен начин“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека бугарското малцинство не е проблем.

„И еве сега, и тоа им е на тацна и затоа не сакам никого, никогаш и никој да ми спомнува дека бугарското малцинство е проблем. Тие неколку стотина луѓе кои се чуствувале како бугари, дали биле во Уставот или не биле не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме. Но суштината е многу подлабока од тоа. И тоа сосема јасно се виде со овие чекори кои ги превзема нашиот источен сосед низ европските ходници. Но, ќе остане запишано и за век и векови запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на АФЕТ, на комитетот за надворешна политика при европскиот парламент и денеска пред да се донесе оној срамен амандман, се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот парламент. За прв пат во независна Македонија“, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека нема да отстапи од македонските национални интереси и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код.

„Сакам да потенцирам и нашиот народ да биде на чисто дека нема да дозволиме да се случи ново предавство! Нема да дозволиме да се отстапи од македонските национални интереси и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код. Јас сум само моментален функционер и претседател на оваа партија, кој превзел одговорност да служи на својот народ и да ги решава проблемите, да го подобри животот на неговите сограѓани. Работам ден и ноќ за да ја реализирам таа цел. Не е воопшто лесно. Напротив, мака мачиме да излеземе од заврзламите и компликациите во кои е втурната нашата држава, и да ги обновиме институциите и да ги создадеме овие темели на промените. Има добри индикатори, кои ни влеваат оптимизам, сеуште е многу рано народот тоа да го почувствува и свесен сум, но со работа и резултати, но пред се со одговорен искрен и чесен однос, вака со кажување на вистината и работите какви што се, јас сум оптимист дека за Македонија доаѓаат подобри времиња“, рече Мицкоски.