[ВИДЕО] Трамп на тајна снимка: Му реков на Путин дека ќе ја бомбардирам Москва ако ја нападне Украина

Макфакс

09/07/2025

08:26

3.079

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп им рекол на донаторите собрани на приватен настан во 2024 година дека му се заканил на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако ја нападне Украина, според аудио-снимка објавена од Си-ен-ен.

„Му реков на Путин: „Ако влезеш во Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Немам избор“, се слуша како вели Трамп на снимка од настанот за собирање средства. „А потоа рече: ‘Не ти верувам’. Но, ми веруваше 10 проценти“, додаде Трамп.

Американскиот претседател, исто така, тврдеше дека испратил слична порака до кинескиот претседател Кси Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг ако Кина го нападне Тајван. „Мислеше дека сум луд“, рече Трамп за Кси. „Но, никогаш немавме проблем“.

Снимките од повеќе собири за собирање средства зад затворени врати во Њујорк и Флорида во 2024 година, кои ги собрале новинарите Џош Дози, Тајлер Пејџер и Исак Арнсдорф, се објавени во нивната нова книга „2024“. Досега тие не се објавени за јавноста. Персоналот на Трамп одби да коментира за нивната содржина.

На снимките, Трамп изгледа порелаксиран и поотворен отколку во јавноста, а покрај заканите за надворешна политика, тој зборуваше и за депортацијата на студентите од протестите и тврдеше дека луѓето кои примаат социјална помош „секогаш ќе гласаат за демократите“.