Дизел моторот, некогашен крал на европските патишта, незапирливо ја губи битката. Во последните две децении, уделот на дизелашите меѓу новорегистрираните автомобили во Европа драстично се намалува. Според најновите податоци на ACEA, дизел автомобилите денес сочинуваат само 8,3% од сите нови регистрации во Европската Унија, Велика Британија и EFTA.
Електричните возила веќе имаат двојно поголем удел – 17,1%, што јасно ја покажува насоката во која се движи автомобилската индустрија. Овие бројки откриваат драматична промена во преференциите на купувачите и технолошките приоритети на производителите.
Автомобилскиот експерт и директор на "CAR" Институтот во Бохум, проф. Фердинанд Дуденхофер, оваа состојба ја нарекува „тажен крај на дизелот кај патничките возила“, јавува германски "Auto Bild". Бројките го потврдуваат тоа: во Германија, уделот на дизелашите кај новите автомобили во првите пет месеци од 2025 година паднал на 15,3%, што е намалување од дури 20% во однос на истиот период минатата година.
Во Франција, Белгија, Италија, Австрија и Шпанија ситуацијата е уште полоша – падовите достигнуваат и до 45%. Особено драстичен е примерот на Норвешка, каде што во 2025 година биле регистрирани само 859 нови дизел автомобили, што претставува само 1,5% од вкупната продажба. Иако специфичниот даночен систем во таа земја силно ги фаворизира електричните автомобили, симболиката е јасна.
Дизел-автомобилите исчезнуваат од секојдневието
Ситуацијата е толку променета што во некои земји веќе започна и физичкото повлекување на дизелот од секојдневната употреба. „Во Холандија, Норвешка и Белгија, дизелските пумпи на бензинските станици сè повеќе исчезнуваат. Нафтените компании ги отстрануваат и ги заменуваат со бензински“, нагласува Дуденхофер. Со оглед на сè помалиот број возила што користат дизел, логично е и пазарот да се приспособи на новите трендови.
Европа, која некогаш беше клучен пазар за дизел автомобилите, денес веќе не игра одлучувачка улога во глобалната продажба. Во 2005 година, речиси третина од сите дизел возила во светот беа регистрирани во Европа. Денес тој удел е паднат на 18%, а прогнозите велат дека до 2030 година може да падне под 17%.
Во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, дизел автомобилите речиси и не постојат. Таму доминираат електрични возила, "plug-in" хибриди и модели со таканаречени „range extender“ технологии, додека дизелот се смета за скап, комплициран и технолошки застарен.
Опстанок само во товарниот сообраќај
Според Дуденхофер, дизелот ќе опстане единствено во сегментот на товарни возила – и тоа привремено, сè додека технологии како водородните горивни ќелии не станат пошироко применети. На крајот, дизел автомобилите би можеле да завршат занемарени, со несигурно снабдување со гориво и без поддршка од производителите.
Повлекувањето од понудата, намалувањето на бројот на пумпи и сè помалата база на корисници создава спирала од која тешко се излегува. Иако дизелот имаше своја златна ера, се чини дека во иднина го очекува заборав. Оваа трансформација на автомобилската индустрија означува крај на една ера и почеток на една сосема нова.