Кои се нуклеарните амбиции на Иран и зошто се толку контроверзни?

Точка

13/06/2025

21:00

1.751

Големина на фонт

а а а

Во центарот на израелските напади врз Иран се најде контроверзната нуклеарна програма на Техеран, пишува Си-ен-ен.

Техеран вели дека сака да совлада нуклеарна технологија за мирни цели и ги отфрла обвинувањата на западните сили дека се обидува да развие нуклеарно оружје, пренесе Си-ен-ен.

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), надзорното тело на ОН за нуклеарни прашања, долго време го обвинува Иран за кршење на обврските што произлегуваат од Договорот за неширење на нуклеарно оружје.


Во четврток – за првпат по речиси 20 години – IAEA усвои резолуција со која го прогласи Иран за виновен за кршење на овие обврски, пишува Си-ен-ен.

Американското разузнавање и IAEA веруваат дека Иран имал тајна, координирана програма за развој на нуклеарно оружје што била суспендирана во 2003 година. Од друга страна Иран негира дека некогаш имал таква програма.

Според нуклеарниот договор од 2015 година, на Иран му е дозволено да збогатува ураниум до чистота не повеќе од 3,67 проценти, да има резерви на ураниум не поголеми од 300 кг и да користи само основни центрифуги IR-1 – уреди што ротираат ураниумски гас со голема брзина за да го збогатат.

Една година откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од тој договор, Иран постепено ги напуштил сите ограничувања од договорот и почнал да збогатува ураниум до чистота од 60 проценти – што технички е краток чекор до нивото погодно за производство на нуклеарно оружје, кое е 90 проценти.


Aмериканските санкции силно ја погодија иранската економија, меѓутоа не ја уништија.

Израелските атентати на високи ирански функционери во последните години – вклучувајќи го и еден од неговите најистакнати нуклеарни научници – исто така не успеаја да го спречат иранското збогатувањето на ураниум.

Од друга страна Иран тврди дека неговото право да збогатува ураниум е неповредливо и дека не е предмет на преговори.


Во извештајот на IAEA од мај, до кој Ројтерс имал пристап, се наведува дека Иран спроведувал тајни нуклеарни активности со материјал кој не бил пријавен кај нуклеарниот надзорник на три локации кои долго време биле под истрага.

Во посебен извештај на IAEA, кој беше испратен до земјите-членки на крајот од мај, наведено е дека иранските резерви на ураниум збогатен до 60 проценти се зголемиле на 408 килограми. Според стандардите на IAEA, ова е доволно, доколку се збогати дополнително, за изработка на девет нуклеарни бомби.