Израелската армија соопшти дека извршила масовен воздушен напад врз Иран, гаѓајќи 150 цели со стотици проектили во текот на ноќта. Според израелски воени претставници, нападите биле насочени кон воени објекти, инфраструктура поврзана со нуклеарната програма, како и кон научници и високи воени личности.
„Оваа акција сериозно ја забави иранската нуклеарна програма“, изјави претставник на Израелските одбранбени сили (ИДФ), додавајќи дека штетите се далеку поголеми од неколкунеделно одложување.
Нападот, кој се смета за една од најголемите воени ескалации на Блискиот Исток во последните децении, предизвика големи загуби. Ирански власти информираа дека загинале десетици лица, вклучително и најмалку 20 деца.
Како одговор, Иран истрела четири бранови балистички ракети кон територијата на Израел. Според ИДФ, три израелски државјани загинале, а десетици се повредени.
Израелските сили потврдија дека дел од нападите биле насочени кон стратешки објекти во Натанц и Исфахан – центри на иранската нуклеарна програма. Според израелскиот претставник, биле уништени и локации поврзани со развој на нуклеарна бомба, тврдејќи дека постоеле „конкретни разузнавачки податоци“ за напредок на Иран во таа насока.
Техеран остро ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека нивната нуклеарна програма е од исклучиво мирнодопска природа.
Израел сега ја смета „воздушната рута до Техеран“ за „де факто отворена“, а меѓу загинатите, според ИДФ, се и деветмина ирански нуклеарни научници – клучни фигури во програмата.