Владата, наместо да гради систем што треба да се грижи за здравјето на граѓаните, создава систем што го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива. И овој хаос треба да го среди новиот министер за здравство – Азир Алиу, кој е професионалец во информатиката, но не и во здравството.
Хаосот во здравството не може да го среди министер информатичар. Алиу нема никакво претходно искуство во здравството, и додека да се запознае со областа во која влегува, најверојатно и него ќе го сменат или сам ќе си отиде. И повторно нема да е криво ВМРО-ДПМНЕ, туку ќе бидат криви коалиционите партнери затоа што дале такви кандидати, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница.
Тренчевска се осврна на, како што рече, сите пропусти на оваа влада, потсетувајќи и на вчерашната прослава, 34 години од постоењето на Унијата на млади сили на ДПМНЕ, со скандалозно шоу од пиротехнички средства, на неполни три месеци од пожарот во Кочани.
„Како паметот да не им доаѓа, или намерата беше да се испрати јасна порака дека сè им е дозволено. Цехот ќе си го носат родителите, сестрите, браќата, фамилијата, роднините, пријателите, граѓаните, а тие ќе си тераат како сакаат и ќе отвораат телефонски линии за да покажат некаква божемски грижа. Од финансиската поддршка, ништо не обезбедија. Обезбедија граѓаните и компаниите со донации, а на ДПМНЕ им остана фалбата и лажниот ПР, рече Тренчевска.
Таа потсети дека имаме влада која, заради својата неспособност, се соочи со најголемата трагедија во историјата на независна Македонија – кочанската трагедија, каде што згаснаа 62 млади животи, а 200 се повредени.
Влада која не знае како да се справи со здравствените предизвици. Токму во контекст на оваа трагедија, таа, додаде Тренчевска, не прифаќа понудени законски решенија од опозицијата, со кои се нуди вистинска и реална поддршка и помош, потенцираше Тренчевска.
Таа потенцираше дека во моментов ја имаме најнеспособната влада од осамостојувањето на Македонија до денес, која го донесе здравството до степен на „тежок пациент“ на кој му нема спас.
„Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните го плаќаат цехот со сопственото здравје“.